
Очекуваните економски загуби од штетите поврзани со климата во периодот од 2022 до 2025 година изнесуваат приближно 200 милијарди евра или 50 милијарди евра годишно, соопшти денеска Европската комисија при презентирањето на предлогот за законски измени за подобрување на подготвеноста на Европската Унија за справување со промените во животната средина.
-Ова лето, продолжените топлотни бранови и суши доведоа до опасни шумски пожари, а нивоата на некои од најголемите реки во Европа паднаа на историски најниско ниво. Последните години бевме сведоци и на разорни поплави. Овие настани ги истакнаа сериозните последици што климатските промени можат да ги имаат врз граѓаните, бизнисите и инфраструктурата, наведе ЕК.
-Се очекува прилагодувањето на европската инфраструктура и економија на идните климатски услови да чини околу 70 милијарди евра годишно. Се очекува инвестициите во овие напори да имаат десеткратен поврат во однос на избегнатите загуби и штети, истакна ЕК и предлага отпорноста на климата да биде дел од сите клучни области на политиката.
Според ЕК глобалниот пазар за решенија за адаптација на климатските промени ќе порасне четирикратно на 3,5 трилиони евра до 2050 година, создавајќи можност европските компании да станат технолошки лидери во потребните решенија.
Предложеното законодавство за отпорност на климатските промени поставува заеднички курс за дејствување во услови на глобално затоплување. Научните докази покажуваат дека светот е на добар пат да достигне 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа до 2030 година, два степени до 2050 година и три степени до 2100 година, посочува ЕК. (МИА)

Македонски

