
Александар Вучиќ вечерва призна пораз на предвремените парламентарни избори во Србија, соопштувајќи дека студентската листа освоила мнозинство и дека ќе има меѓу 135 и 140 пратенички мандати во новиот состав на Народното собрание, објави Скопје1.мк.
„Победи студентската листа. Тие имаат меѓу 135 и 140 мандати, ние имаме 105 мандати. Изгубивме“, изјави Вучиќ.
Според бројките што ги соопшти, студентската листа освоила околу 2,2 милиони гласови, додека неговата изборна листа добила приближно 1,72 милиони гласови.
Вучиќ се осврна и на најавите на неговите политички противници дека по изборите претставници на досегашната власт ќе ја напуштат земјата.
„Говореа дека некој ќе бега, дека ќе ги пакува куферите. Лажеа“, рече тој.
Тој најави дека неговата политичка опција ќе продолжи да дејствува како опозиција во парламентот.
„Ние ќе имаме 105 или 106 пратеници. Ќе се бориме и ќе покажеме што е опозиција“, порача Вучиќ.
Доколку се потврдат бројките што ги соопшти, студентската листа ќе има самостојно мнозинство во српскиот парламент, кој брои 250 пратенички места.
Станува збор за изборни процени изнесени од Вучиќ, а конечната распределба на мандатите треба да ја потврди Републичката изборна комисија.

Македонски

