
За првпат е изработена Национална стратегија за управување со јагулата, критично загрозен вид кој го населува Охридското Езеро, а чиј природен пат кон морето е попречен со изградбата на хидроцентралите на Црн Дрим. Документот предвидува конкретни мерки за заштита на јагулата, меѓу кои и асистиран транспорт на возрасните единки за да можат безбедно да ја продолжат миграцијата кон Саргасовото Море, jaви МРТ.
Планот предвидува и активности за враќање подмладок во Охридското Езеро, а неговото спроведување ќе го поддржува Хидробиолошкиот институт во Охрид.
„Предвидуваме пуштање на подмладок на јагули и безбеден транспорт на јагули, што заминуваат кон морето. Конкретно, предвидено е 40 отсто од утврдената годишна квота за лов на традиционалната рибарска замка ‘Далјан’ на Црн Дрим кај Струга да бидат пренесени кон морската средина. На тој начин ќе можат да го продолжат патот кон Саргасовото Море, избегнувајќи го минувањето низ турбините на хидроцентралите кои ги има по течението на Црн Дрим“, изјави Борче Серафимовски–министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Природната миграција на јагулата е долг и сложен процес, покрај заштитата на возрасните единки што заминуваат кон морето, предизвик е и обезбедувањето подмладок за одржување на популацијата во Охридското Езеро.
„Во Националната стратегија стои дека треба да се избегне купувањето, односно набавувањето подмладок на јагула, можеби некогаш и со сомнително потекло, за којшто не знаеме колку долго и дали поминал карантин. Од тие причини се залагаме за асистиран транспорт, буквално транспорт на возрасни женки, но и на подмладок што би го ловеле и враќале во Охридското Езеро“, изјави Орхидеја Тасеска, Хидробиолошки завод – Охрид.
Целта е да се обезбедат услови за зачувување на јагулата и продолжување на нејзиниот природен миграциски циклус.
Извор: МКД.мк

Македонски

