
Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК), консултативна институција со 329 претставници на работодавачи, синдикати и граѓанското општество, ја повика Европската Унија да ги заштити и обнови водните ресурси.
ЕЕСК наведе дека ова е неопходно „поради сè понепредвидливите промени во хидролошкиот циклус, предизвикани од забрзувањето на климатските промени, неодржливото користење на водата и пренамената на земјиштето“.
Во мислењето објавено во Брисел се истакнува дека нарушувањата на хидролошкиот циклус ја загрозуваат безбедноста на снабдувањето со храна и вода, економската стабилност и меѓународната безбедност, додека недостигот од вода сè повеќе ги поттикнува миграцијата и конфликтите.
„Сушите, поплавите и оштетените екосистеми го загрозуваат снабдувањето со храна, пристапот до безбедна вода за пиење, работните места и домовите“, објави ЕЕСК. „Водата ги преминува националните граници преку реките, почвата и атмосферата, што значи дека ниедна земја не може сама да ја обезбеди својата водена иднина“, се додава во извештајот.
Затоа се повикува Европската комисија, извршното тело на ЕУ, и земјите членки на прекугранична соработка и заедничко управување со водните ресурси.
Според документот, околу четири милијарди луѓе се соочуваат со сериозен недостиг од вода најмалку еден месец секоја година. Последиците се особено изразени во Африка, Јужна Азија и Јужна Америка, каде што продолжените суши и губењето на средствата за живот дополнително ја зголемиле ранливоста на локалните заедници.
ЕЕСК предупредува и на заканата од таканаречената зелена вода, т.е. дождовница складирана во почвата која се враќа во атмосферата преку испарување и транспирација на растенијата. Таа сочинува околу 60 проценти од свежата вода на копното, а приближно 80 проценти од светското земјоделско земјиште зависи од неа. Нарушувањата во нејзината циркулација веќе придонесуваат за намалување на приносите и ја загрозуваат безбедноста на храната.
Комитетот ја повикува ЕУ да го поддржи започнувањето на глобална иницијатива за враќање на хидролошкиот циклус на Конференцијата на Обединетите нации за вода, која ќе се одржи од 8 до 10 декември во Обединетите Арапски Емирати, и посилно да ја вклучи водата во климатската, земјоделската, енергетската и надворешната политика.
„ЕУ мора да ја искористи својата дипломатска сила“, кажа Милена Ангелова, известувач на ЕЕСК за ова прашање.
Се предлага и финансирање на реновирањето на водоводните системи од идниот буџет на ЕУ за периодот од 2028 до 2034 година.
Посебен акцент се става на реставрацијата на мочуриштата, шумите и другите екосистеми што задржуваат вода, поефикасно следење на водните ресурси и развој на системи за рано предупредување. Притоа, ЕУ треба да ги искористи предностите на дигитализацијата и вештачката интелигенција, земајќи ги предвид растечките потреби за вода на центрите за податоци, смета ЕЕСК.

Македонски

