Skip to main content

Илјадници домови во Југозападна Англија без струја по бурата „Остин“, земјата се подготвува за уште една бура

Фото: Freepik

Илјадници домаќинства останаа без електрична енергија во Југозападна Англија откако бурата „Остин“ го погоди регионот, додека северните делови од земјата се подготвуваат за уште една бура, пренесе ДПА.

Се очекува силни ветрови и обилни дождови да ги погодат северните делови на Велика Британија, со налети до 128 км/ч. Портокалово предупредување за опасно време издаде Британската метеоролошка служба за Шкотска, Северна Англија до Карлајл и североисточниот дел на Северна Ирска од 21 часот денеска и утре.

Синоптичарите предупредуваат дека очекуваната бура втора во сезоната, може да претставува опасност за луѓето. Метеоролошката служба советува, доколку е можно, да не се излегува надвор при лоши временски услови. Упатено е предупредување за можни големи проблеми со транспортот, вклучувајќи го и фериботскиот и железничкиот транспорт.

Повеќе од 3.700 домаќинства во областа останаа без електрична енергија , според податоците од мапата на компанијата National Grid. Енергетската компанија објави дека од почетокот на бурата, екипите ја обновиле електричната енергија во повеќе од 60.000 домаќинства.

Се очекува ветерот вечерва да ја достигне својата максимална сила. Во текот на ноќта врнежите ќе се намалат во многу области, но ќе продолжат во Шкотска и Северна Ирска, бидејќи во повисоките делови на Шкотска може да наврнат 100 мм дожд.

Поврзани вести