
Првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали во Брисел се сретна со еврокомесарката за проширување Марта Кос. Во фокусот на разговорот биле европската перспектива на Македонија, спроведувањето на Реформската агенда и можностите за земјата постепено да се вклучува во политиките и програмите на Европската Унија.
Сали го поздравил соопштението на Европската комисија „Preparing for a Wider Union“, оценувајќи дека е важен попредвидлив процес на проширување, заснован на заслуги и мерливи резултати. Тој рекол дека европската интеграција треба да донесе конкретни можности за граѓаните, економијата и бизнисите, а реформите постепено да ја приближуваат земјата до единствениот европски пазар.
На средбата се разговарало и за Планот за раст за Западен Балкан и реформите во владеењето на правото, јавната администрација, дигитализацијата, енергетиката и економската конкурентност. Како конкретни придобивки од постепената интеграција биле посочени учеството во Единствената област за плаќања во евра (SEPA), можното проширување на моделот „Roam Like at Home“ и соработката во дигиталната трансформација.
Сали ја истакнал и важноста на идната Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028–2034, која, според него, треба да обезбеди стабилна и предвидлива поддршка за земјите кандидати.
Во рамки на посетата, еврокомесарката Кос даде интервју за претставници на медиумите од Македонија. Министерството за европски прашања најави дека ќе продолжи да соработува со европските институции со цел реформите да се забрзаат и да донесат конкретни резултати за граѓаните.

Македонски

