
Основното јавно обвинителство Велес постапува по предмет против едно лице осомничено за измама и надрилекарство. Според досегашните сознанија на обвинителството, осомничениот довел во заблуда повеќе лица, лажно нудејќи им таканаречени „кубански вакцини“ против рак со намера да прибави противправна имотна корист.
За обезбедување докази, обвинителството добило наредби за претреси на повеќе локации. При претресот на работното место на осомничениот во Велес биле пронајдени докази што ќе бидат предмет на вештачење, а биле одземени и електронски уреди.
Надлежниот јавен обвинител ги распитува оштетените и други лица што може да имаат сознанија за случајот. Обвинителството до судот доставило и предлог за мерки на претпазливост: одземање на патната исправа и обврска осомничениот да се јавува во судот.
Лицето во моментов е хоспитализирано во медицинска установа, каде што му било врачено решението за мерките. Обвинителството и МВР продолжуваат со проверки и дејствија за обезбедување докази.

Македонски

