
Демократскиот сојуз им го честита 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба на сите граѓани, се вели во партиската честитка што МИА ја пренесува интегрално.
На 23 октомври 1893 година, во Солун, шестмина визионери – Даме Груев, д-р Христо Татарчев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев – ги поставија темелите на Македонската револуционерна организација. Нивната храброст, решителност и верба во идеалот за слободна Македонија го означија почетокот на организираната револуционерна борба за слобода и самостојност.
Денес, пораката на основачите е особено значајна за младите генерации. Нивната борба не треба да остане само дел од историските учебници и свечените говори, туку да биде поттик за младите со знаење, храброст, чесност и лична одговорност да се борат за праведно општество, демократски вредности, владеење на правото и европска иднина. Денешната борба се води со идеи, образование, работа и активен придонес во општеството.
Демократскиот сојуз верува дека најдостојниот начин да им оддадеме почит на македонските револуционери е да изградиме држава во која младите ќе имаат перспектива, еднакви можности и причини својата иднина да ја гледаат дома. Да го чуваме историското наследство и да ја продолжиме борбата за слободна, демократска и просперитетна Македонија!

Македонски

