
Културната иницијатива „Комшилук“ освои европска награда „Нов европски Баухаус“ (New European Bauhaus Prizes 2026) за проектот „Травијата во три чина“, со кој операта на Џузепе Верди беше преселена меѓу балконите, прозорците и станбените згради во скопската населба Железара.
Признанието беше доделено на 15 октомври во Брисел, во категоријата „Rising Stars“, во рамките на тематската област „Зајакнување на локалната демократија и инклузијата“. Европската комисија ја препозна вредноста на проектот во поврзувањето на културата со активното учество на локалната заедница.
Да се биде добар граѓанин започнува со тоа да се биде добар комшија. Комшилукот е најмалата, но и најважната граѓанска единица каде што се учевме на солидарност, одржливост и заедништво – вредности кои денес се препознаени на европско ниво, а кај нас се заборавени“, вели Стефан Александар Јовановски, основач на „Комшилук“.
Инспирирана од операта „Травијата“ на Џузепе Верди, претставата ја пренесе љубовната приказна на Виолета и Алфредо во секојдневието на скопското соседство. Наместо на традиционална оперска сцена, дејството се одвива меѓу шест станбени згради во Железара, каде што балконите и прозорците станаа дел од сценографијата, а публиката се движеше низ маалото следејќи ги трите чина.
Коментарите и озборувањата на соседите беа составен дел од дејството, прикажувајќи го влијанието на заедницата врз личните избори. За разлика од трагичниот крај на оригиналната опера, маалската „Травијата“ завршува со свадба и заедничка прослава.
Во реализацијата на проектот учествувале околу 150 луѓе, меѓу кои повеќе од 100 локални жители, а изведбата ја проследиле приближно 2.000 посетители. Соседите не биле само публика, туку и активни учесници во културниот настан што се одвивал пред нивните домови.
Фестивалот „Комшилук“ започнал пред три години во Црвените згради во Железара, а потоа бил реализиран и во Шуто Оризари, Побожје, Струга и Битола. Иницијативата ја развива идејата за користење на јавниот простор како место за уметност и културно оживување, со активно учество на локалното население.
Наградите „Нов европски Баухаус“ се дел од иницијативата на Европската комисија која ги поврзува одржливоста, инклузивноста и естетиката, препознавајќи проекти што придонесуваат за подобар живот во локалните заедници преку нови начини на користење на просторот.
Европското признание отвора можности за понатамошен развој на „Травијата во три чина“. Концептот е замислен како оперска изведба приспособена на конкретен простор, која може да се реализира и во други градови, во соработка со културни организации и театри, со задржување на поврзаноста со локалната заедница.
Со наградата во Брисел, „Комшилук“ ја претстави пред европската културна јавност идејата дека за културно доживување не е неопходна голема сцена, туку простор што ги поврзува луѓето и заедница подготвена активно да учествува.

Македонски

