Skip to main content

Последниот мурал на Борко Лазески пред јавноста од другата страна на поштенските шалтери

На 22 октомври, четврток, во 19 часот, во шалтерската сала на Главната пошта во Битола ќе се одржат јавна презентација и изложба посветени на „Битола, бабам Битола“, последното монументално дело на истакнатиот македонски сликар Борко Лазески. Настанот го организира Македонскиот национален комитет на ИКОМОС, во рамките на проектот за истражување, дигитално документирање и афирмација на муралот, реализиран во 2026 година.

Посетителите ќе имаат ретка можност да му пристапат на делото од другата страна на шалтерите и да го погледнат одблизу. Во рамките на настанот ќе биде промовирано едукативно видео посветено на муралот, а ќе бидат изложени и оригинални скици и записи на авторот, создадени во текот на неговата работа.

„Битола, бабам Битола“ е создадена во 1991 година и претставува значајно сведоштво за македонското современо ликовно творештво и за историската меморија на градот. И покрај нејзината уметничка и историска вредност, со децении недостигале систематизирани податоци за создавањето на делото, како и за личностите и сцените прикажани во него.

Истражувањето спроведено во рамките на проектот опфатило разговори со вработени и пензионери на Поштата во Битола, сведоци на создавањето на муралот, како и проучување на приватната архива на Борко Лазески. Благодарение на неговата ќерка, Росица Лазеска, на истражувачите им биле достапни документи, лични белешки, писма, подготвителни скици, студии, фотографии и видеоматеријали од приватната архива на уметникот. Оваа документација овозможила подлабок увид во творечкиот процес и подобро разбирање на содржината и значењето на делото.

Муралот е дигитално документиран со примена на фотограметрија, современа техника со која преку серија фотографии се создава прецизен тридимензионален модел. Дигиталниот запис отвора нови можности за детално проучување, документирање и идно претставување на делото.

Настанот има и посебно симболично значење. На 22 октомври се одбележува роденденот на Борко Лазески, а токму на тој ден пред 35 години уметникот престојувал во Битола и работел на фреската.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам и се реализира во соработка со Општина Битола и Македонска пошта.

Македонскиот национален комитет на ИКОМОС ги поканува граѓаните и љубителите на уметноста да ја посетат презентацијата и изложбата и да го запознаат одблизу делото што со децении е дел од секојдневието на градот.

Јавната презентација и изложбата ќе се одржат во четврток, 22 октомври 2026 година, со почеток во 19 часот, во шалтерската сала на Главната пошта во Битола.

Поврзани вести