
Со реформа во Армијата трајно се решава статусот на професионалните војници со навршени 45 години возраст и се овозможува да одлучат да останат во Армијата како цивилни лица со трансформација на работниот однос од определено на неопределено време, информираше министерот за одбрана Владо Мисајловски, на заедничка прес-конференција со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и претставници на синдикалните здруженија во одбраната.
Одлуката, појасни Мисајловски е донесена денеска на седница на Влада, а решението е договорено и усогласено заеднички со Армијата и синдикатите на војниците.
Решението значи дека македонските професионлани војници конечно и заслужено ќе можат да бидат задоволни и сигурни во својата иднина и по 45-тата година. Остануваат сите опции како и досега – испратнина од две просечни плати или трансфер во друга државна институција, но со оваа реформа правиме решение секој професионален војник да може да остане како цивилно лице во Армијата – изјави Мисајловски.
Ова е целосно ново решение и, како што посочи Мисјаловски, не е дел од Колективниот договор, за кој преговорите продолжуваат и очекува наскоро да биде потпишан.
Продолжуваме и со другите реформи. Денеска имав состанок со министерката за финансии каде што договоривме уште убави вести, каде што набрзо ќе биде потпишан колективен догово. Се разбира, продолжуваме да работиме со синдикатите, мислам дека за скоро време, исто така и зголемување на платите. Ова ќе го најавиме во наредниот период. Мислам дека убави вести следат за армијата, се разбира, но и за македонските граѓани – изјави Мисајловски.
Началникот на Генералштабот на Армијата Лафчиски, нагласи дека ова се прекрасни вести за професионалните војници имајќи предвид дека ова горливо прашање се провлекува повеќе од 15 години.
Обврската околу обезбедувањето на имотот и лицата во касарните и гарнизоните на Армијата низ државата е задача, обврска на командите и единиците коишто се распоредени во тие команди, во тие гарнизони и и касарни. Тоа без исклучок и по правило е секундарна, терцијална задача, обврска и би рекол дополнителна обврска на тие команди и единици, а и согласно нивната мисија и суштински задачи, секогаш е дополнително оптоварување. Со ова предлог решение таа многу важна обврска ќе биде превземена токму од професионалните војници кои коишто ќе бидат распоредени во тие единици – изјави Лафчиски.
Ве уверувам, нагласи Лафчиски, дека не постои подобар персонал од професионалните војници кои ќе се одлучат да го трансформираат работниот однос за извршување на оваа обврска.
Тој не е само мој личен став, тоа е став и на сите генерали, на сите команданти, односно сите кои се во делот на командување и раководење во Армијата, дека не постои подобар персонал од професионалните војници коишто полнат 45 години, коишто ќе се одлучат да го трансформираат нивниот работен однос во овие единици, да ја обават таа важна задача во обезбедувањето на овие армиски капацитети – изјави Лафчиски.
Месечните примања, вклучително сите додатоци на плата, како што беше посочено, ќе останат непроменети и ќе може да заминат во пензија под истите услови како сите останати припадници, односно согласно Законот за служба и колективниот договор.
Проценката е дека од следната година околу 100 војници ќе ја искористат оваа можност, и како што нагласи Лафчиски, воопшто нема да има проблем за апсорбирање на таа бројка, колкава и да биде.
Структурата ќе биде така димензионирана да може да го апсорбира секој оној што ќе сака. Ако во наредниот период од пет години анализата покажува дека ќе имаме 500 професионални војници кои што ќе го исполнат условот и ако сите 500 сакаат да останат и бидат дел од Армијата, ние ќе го овозможиме тоа со структурата на формацијата. И тоа можеме да го направиме веднаш, од моментот кога ќе го исполни условот 45 години, следниот ден да му се трансформира работниот однос и да влезе во таа единици. Уште повеќе, ќе имата можност да останат во касарните каде што и досега работеле – појасни Лафчиски.
Одговарајќи на новинарски прашања, за најавениот протест на Независниот синдикат на 7 ноември, Мисјаловски рече дека секој има демократско право да протестира, но дека пред него се синдикати кои го претставуваат 99,9 проценти од вработените во Министерството за одбрана и во Армијата.
Секој има право за различни работи да протестира. Конкретно овој синдикат од првиот ден само негативно шири омраза, секој ден е со лаги и манипулации, конкретно против мене. Но, тоа е дел од политиката и демократијата и немам никаков проблем со тоа. Мене ми е најважно да ги решавам прашањата што се на синдикатите, на вработените, на војниците. Она што е многу интересно, тој синдикат никогаш и не предложил ниту едно добро решение ниту пак сака да преговара, освен до медиуми да пушта соопштенија за работи што 35 години не биле решени. Јас тука јавно кажувам што ќе направиме и гледате дека се остварува – изјави Мисајловски.

Македонски

