
САМОСТОЈНА ИЗЛОЖБА НА ЦРТЕЖИ НА ВЛАДИМИР ЛУКАШ „EST“
Културно Информативен Центар Скопје
Продажен ликовен салон
Отворање на 20.10 2026 во 20.00ч.
Владимир Лукаш (1978, Скопје) е визуелен уметник, писател и музичар.
Има реализирано петнаесетина самостојни изложби и учествувал на преку сто групни изложби во Македонија, Германија, Турција, САД итн. Нековите кратни анимирании филмови биле прикажани на педесетина филмски фестивали во Европа, Азија и Америка. Објавил десетина книги за деца и возрасни. Пишува музика за различни камерни состави и членува во неколку ансамбли. Живее и работи во Скопје.
Самостојни изложби:
• 2025 – Пикник во лавиринтот, КЦ Култ, Охрид
• 2024 – Mule variations, Macedonian Cultural and Information Center in Istanbul
• 2022 – 2023 – Hello, deadline, my old friend, I’ve come to talk with you again,
Мобилна / Монтажна галерија , Скопје, Дом на култура, Штип
• 2021 – Микромонографија за отпадниците од светот на анимираниот филм, МКЦ, Скопје, Плочник, Загреб
• 2018-2020 – Скицерајки, vol.0-7, Мобилна / Монтажна галерија , Скопје;Арт кафе Медуза, Белград;Primacentar, Берлин, OGS Projectspace, Берлин
• 2017 – Транзициски хитови, вол.1, Мобилна / Монтажна галерија, Скопје
– Цртежи кои никогаш не би ги изложил, вол.2, Артикултура, Битола
• 2015 – Цртежи кои никогаш не би ги изложил, ОГС, Скопје
• 2014 – Загубениот космонаут и други приказни , Кафе’ Пабло, Скопје; Слободна зона 5, Виница
• 2013 – СФ vs Х0 – АКСЦ, Скопје
• 2012 – Записи на џуџето самоубиец, Кооперација, Скопје
– Хроници, Дом на култура Иван Мазов – Климе, Кавадарци
• 2010 – Цртежи и шумски демони, Дом на култура, Струга
• 2008 – Од фамилијарниот албум на Кастор и Полукс, Дом на Култура, Ресен
• 2007 – Un pequeno cuento para los marineros, КЦ Точка, Скопје
ВИЗУЕЛНА КАРИКАТУРАЛИЗАЦИЈА НА МИСЛАТА
Кон крајот на 2024 година, кога Владимир Лукаш ги одржа цртачките сесии во Кафе-книжарницата „Буква“ под слоганот „Цртаме латински поговорки“, пред себе имаше масичка со пенкалца, боички, топови хартија и збирката од латински изреки, етички поуки, дескриптивни епитети и други куси латински изрази приредена од класичниот филолог Светлана Кочовска Стевовиќ, под насловот „Латински цитати, изреки и фрази“ (Или-Или, 2023). Во текот на тој тридневен дијалог со античката мисловност (23–25.12.2024 г.), изведен во манирот на старите римски писатели кои ги „зачинувале“ своите дела со гноми од грчки автори, Лукаш ги презеде „готовите вистини“ од древните книжевни артефакти за да ја смени нивната околина. И тоа го направи според онаа страна на карикатуралноста која немаше толку потреба да биде смешна, колку што имаше намера визуелно да нагласи, да натовари, да преоптовари (caricare) одредена особина за таа да стане видлива. Идејата на неговите визуелни реплики на латинските поговорки беше да го испита авторитетот на древната мудрост изложувајќи го низ визурата на современиот поглед.
Неколку дена потоа, на новогодишната изложба на делата што настанаа за време на овие цртачки ѓурултии и дружбариуми, се покажа како сериозноста на изреката е доведена во ситуација кога таа почнува да се однесува чудно, понекогаш апсурдно, понекогаш политички, понекогаш философски. Уште тогаш кога врз белите листови се раѓаа хуморот и критиката, се постави прашањето кое и денес го препознаваме на страниците на оваа книга: Што открива современата слика, цртеж или илустрација во древната мудрост што самата мудрост не може да го каже?
Сега, скоро две години подоцна, Лукаш продолжува да го изместува она што го земаме здраво за готово за тоа повторно да стане видливо според густината на визуелниот гег. Движејќи се помеѓу карикатурата, ребусот, концептуалната уметност и илустрацијата, тој ја трансформира древната мудрост во слика, сликата во досетка, а досетката во критички поглед кон стварноста. Овој фин парадокс меѓу визуелното нагласување и значенското изместување ја тестира мудроста фиксирана низ времето, покажувајќи како современоста повторно ја произведува смислата на древната реченица на начин на кој поговорката кажува едно, цртежот друго, а нивниот судир нешто сосема трето.
Станува збор за игра со очекуваното значење. Она што е изместено од првичниот контекст е ставено во визуелен свет кој, на прв поглед, не му припаѓа сосема. Во наносот на современи предмети, ситуации, апсурди и графички асоцијации, гледачот е тој кој ја произведува новата врска според односот: текст – изместување – визуелен парадокс – ново читање на текстот. Со тоа поговорката, иако е карикатурализирана, таа не е исмеана. Таа е доведена во облик кој мора наново да се прочита.
Токму ова е моментот во кој карикатуралноста станува критичка кон идејата од којашто самата произлегува. Визуелната реплика на поговорката не е еднозначна слика. Таа почнува да произведува неочекувани, понекогаш дури и несакани паралелни значења кои го нијансираат односот на цртежот кон поговорката. Една сосема необична интелектуална ситуација која ја преиспитува „готовата“ мудрост и тогаш – во древноста, и сега – во современоста. Поговорката се зема сериозно, но не сосема. Нејзиното значење се потврдува исто како и нејзината истрошеност. Древноста се внесува во сегашноста, а шегата која го „олеснува“ овој транспорт не ја поништува нејзината мудрост, туку прашува дали сето тоа може да изгледа и поинаку. Во таа неодлучност меѓу потврдувањето и сомнежот, меѓу нагласувањето и изместувањето, се отвора креативниот простор на цртежите на Владимир Лукаш. Тие не кажуваат што значи поговорката; ни покажуваат што сѐ би можела да значи една древна мисла кога ќе се најде во нова слика.
Дарин Ангеловски
Изложбата ќе биде отворена до 27.10.2026

Македонски

