Skip to main content

Клековски во Белград: Соработка со референтните здравствени институции во Србија и зајакнување на капацитетите дома

Министерство за здравство

Министерот за здравство, Сашо Клековски престојуваше во работна посета на Белград, каде остварил средба со министерот за здравство на Република Србија, Златибор Лончар и го посетил Универзитетскиот клинички центар на Србија (УКЦС).

Како то соопштија од министерството за здравство, Клековски се заблагодарил на  министерот Лончар за помошта што Србија ја пружеше од првите часови по трагедијата во Кочани. Двајцата министри, како што информираат од Министерството за здравство, разговарале за натамошното лекување на повредените од Кочани во српските здравствени установи, според претходната иницијатива.

Во фокусот на средбата била соработката со референтните институции во Србија за високоспецијализирана здравствена заштита и зајакнувањето на капацитетите во Македонија, преку: упатување на лекување и високоспецијализирана помош за сложени состојби; второ мислење и стручни консултации со заеднички стручни тимови за сложени случаи; партнерства меѓу референтните центри во Србија и клиниките во Македонија – практична обука, стручни престои и менторство на клиничките тимови.

Министрите разговале и за дигитализацијата и интероперабилноста на здравствените информациски системи, со интеграција на податоците од јавниот и приватниот сектор. Разговарале и за системот „Мој термин“ кој Србија го користи, а кој е развиен во Македонија.

Во Универзитетскиот клинички центар на Србија, најголемата здравствена установа во Србија, министерот Клековски се сретнал со в.д. директорката, проф. д-р Јелена Друловиќ.

На средбата е разговарано за можностите за соработка меѓу УКЦС и универзитетските клиники во Скопје, за упатување на пациенти со сложени состојби, заеднички стручни консултации и стручни престои за македонските клинички тимови. Разговарале и за организациски прашања, а потоа ја посетиле Клиниката за неврологија, со фокус на згрижување на лицата со мозочни удари и Центарот за мултипла склероза.

Целта не е нашите пациенти да патуваат подалеку, туку знаењето да дојде поблиску. Тоа што денес за сложените случаи го бараме надвор, со заеднички тимови, обуки и менторство утре треба да го имаме дома – истакнал Клековски.

Министерот Клековски во текот на посетата бил придружуван од амбасадорот на Македонија во Србија, Никола Тупанчевски. 

Поврзани вести