Skip to main content

Премиера на „Татко“ во режија на Нина Николиќ во Лабораториум

На 13.10.2026 година, во Културниот центар Лабораториум премиерно ќе биде изведена театарската претстава „Татко“ во режија на Нина Николиќ, а во продукција на Перипетија Продукција.

Претставата е базирана на истоимената драма на Аугуст Стриндберг, но претставува современо читање на ова класично дело, реализирано преку адаптацијата на текстот на Тамара Барачков.

Адаптацијата ја поместува перспективата на оригиналната драма и нејзиниот централен конфликт го поставува во контекст на современите брачни и семејни односи.

Во фокусот е сложениот однос меѓу брачните партнери, надвор од едноставната поделба на жртва и виновник. Претставата ги преиспитува механизмите на моќ и контрола во интимните односи и начинот на кој психолошкото насилство постепено се развива, нормализира и ескалира во рамките на семејството.

Современата адаптација ја поместува и позицијата на женскиот лик: наместо обид да се докаже непресметливоста на сопругот, таа бара институционална помош и заштита поради психолошкото насилство на кое е изложена. На тој начин, Стриндберговиот конфликт се отвора кон прашања што директно комуницираат со современиот општествен контекст.

„Татко“ не е приказна за борбата помеѓу машките и женските принципи, туку приказна за луѓе заробени во деструктивен однос во кој недовербата, потребата за контрола и борбата за моќ постепено ја укинуваат можноста за дијалог. Претставата го отвора прашањето каде завршува конфликтот, а каде започнува насилството, но и прашањето за вината и одговорноста во однос што постепено доаѓа до точка на пукање.

Во претставата играат: Саша Ханџиќ, Амернис Нокшиќи, Тони Денковски, Бојан Кирковски и Ирена Димеска, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимите на Ивана Каранфиловска Угуровска, а музиката на Оливер Јосифовски.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на РСМ и од Амбасадата на кралството Шведска, а се реализира во продукција на Перипетија продукција.

Осврнувајќи се на поддршката што Амбасадата ја дава за оваа продукција, амбасадорот на Шведска, Ола Су​лстром, изјави:

„Аугуст Стриндберг е еден од највлијателните шведски драмски писатели, а неговите дела продолжуваат да поттикнуваат размислување за прашања што остануваат крајно актуелни и денес. Во Амбасадата на Шведска веруваме дека културата претставува моќен мост меѓу нациите, создавајќи можности за дијалог, разбирање и посилни врски меѓу луѓето. Особено ни е драго што ја поддржуваме современата поставка на претставата ‚Татко‘ во продукција на ‚Перипетија продукција‘, која отвора важен простор за дискусија за родовите односи, динамиката на моќта, контролата и формите на психолошко малтретирање што можат да прераснат во родово засновано насилство. Шведска останува цврсто посветена на спречувањето и борбата против родово заснованото насилство и веруваме дека уметноста и културата можат да одиграат клучна улога во подигнувањето на свеста, преиспитувањето на штетните норми и поттикнувањето значајни разговори кои придонесуваат кон порамноправно и поинклузивно општество.“

Како дел од глобалната кампања „16 дена активизам против родово засновано насилство“, која се одржува од 25 ноември до 10 декември, Амбасадата на Шведска и „Перипетија продукција“ ќе покануваат младите да присуствуваат на изведбата на 9 декември. По изведбата ќе следи​дискусија за родово заснованото насилство и неговите пошироки последици за поединците, семејствата и општеството, со цел да се поттикне свесност, критичко размислување и дијалог за ова важно прашање.

Следните изведби на претставата се на 14.10.2026, 04.11.2026, 05.11.2026, 09.12.2026 и 10.12.2026

Поврзани вести