Skip to main content

Со балетската претстава „Шехерезада“ почнува јубилејното 35. издание на „Интерфест“ во Битола

Јубилејниот 35. Интерфест-Битола, фестивал на класична музика, ќе биде Свечено отворен на утре, петок, на 2 октомври, во 20 часот во Центарот за култура-Битола, со балетската претстава “Шехерезада“ во изведба на Националната Опера и Балет.

Извонредниот балетски ансамбл и солистите Наташа Трендафилова-Гицев и балетскиот првенец од Унгарија Балаж Лочеи, ќе ја доловат бајковната атмосфера на приказните од „Илјада и една ноќ“. Музиката на рускиот композитор Николај Римски-Корсаков ја доловува атмосферата на љубов, страст, невера, одмазда.

Билетите за „Шехерезада“ по цена од 300 денари се во продажба онлајн на https://kartick.mk/events/balet и на билетарата на Центарот за култура-Битола.

Истата вечер во 19.30 часот, љубителите на ликовната уметност ќе имаат можност да присуствуваат на отворањето на изложбата „Современа Италијанска графика и цртеж“.

Втората фестивалска вечер, на 3-ти октомври пијаното „Безендорфер Гранд Концерт 280“ ќе се одгласи во Офицерскиот дом под рацете на легендарниот италијански пијанист Бруно Канино.

Маестро Канино, со традиционалната италијанска елеганција, рафинман и бравура, ќе ни ја пренесе чистотата, едноставноста и духот на италијанската музика, преку делата на Скарлати, Клементи и Петраси, како и Прелудиумите од II Книга на Клод Дебиси. Под диригентската палка на Клаудио Абадо и Пјер Булез, Бруно Канино настапувал со Берлинска и Њујоршка Филхармонија, Филхармонијата на Миланска Скала, Францускиот национален оркестар, Оркестарот на Филаделфија.

Влезот за концертот е слободен.

Поврзани вести