
Пилот со оманско потекло синоќа со нож го избодел индискиот капетан на авионот на компанијата „Флај Дубаи“ кој успеал да ја отвори вратата од кокпитот, овозможувајќи неколку патници Израелци да упаднат и да го совладаат напаѓачот, изјави портпаролот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Дорон Шпилман.
Шпилман изјави дека ранетиот капетан Смит Мачар, крварејќи и лежејќи на подот, ги искористил „последните моменти од својата енергија“ за да ја отвори вратата од пилотската кабина, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Во тој момент, дел од патниците кои сфатија дека нешто се случува истрчаа напред и влегоа во пилотската кабина. Го видоа повредениот пилот на подот, додека другиот … пилотот кој напаѓаше, стоеше над контролната табла и удираше по неа – изјави Шпилман.
Оманскиот пилот, кој е осомничен за обид за соборување на авионот на „Флај Дубаи“ полн со израелски патници, негов колега пилот за израелскиот Канал 16 го опиша како верски екстремист кој почнал да работи за компанијата пред осум месеци.
Претерано се молеше во текот на целиот ден и одбиваше да се ракува со жени – изјави пилотот за телевизијата.
Авионот, кој летал од Дубаи кон Тел Авив, откако испратил сигнал за помош принудно слетал во градот Табук во Саудиска Арабија, а во него се наоѓале 174 патници, од кои 166 Израелци.
Спасувачкиот авион со патниците од летот ФЗ1073 на компанијата „Флај Дубаи“ слета подоцна на аеродромот „Бен-Гурион“, откако полета од аеродромот Табук во Саудиска Арабија, каде што ги пречекаа Бенјамин Нетанјаху и министерката за сообраќај Мири Регев.
Портпаролот на службата за итна помош „Маген Давид Адам“ соопшти дека маж (51) од тој лет, со полесна повреда на градната коска, бил пренесен во болница.

Македонски


