Skip to main content

Под мотото „Ајде да поминиме време заедно!“ почнува 21. издание на АКТО фестивал за современи уметности

Под мотото „Ајде да поминиме време заедно!“ во Скопје ќе се одржи 21-то издание на АКТО фестивал за современи уметности, во организација на платформата „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ).

Програмата, од денеска до 4 октомври, вклучува перформативни уметности, предавања, едукативни работилници, изложби и музички содржини.

Фестивалските случувања ќе се одвиваат во киното и дворот во Железничката зграда, Амфитеатарот на Архитектонскиот факултет – УКИМ и галеријата Сули-ан при ФЛУ.

На свеченото отворање денеска, во киното ќе биде изведен перформативен [радио] есеј „Железничарот на крајот на светот“ . На истата локација, од 1 до 3 октомври ќе се одвива едукативно-работен процес под наслов „Лабораторија за перформативно-просторни практики: Градот како сцена”.

На АКТО, како што посочуваат организаторите, годинава гостува реномираниот архитект, сценограф и водечки теоретичар во областа на сценската архитектура и дизајн, професор Радивоје Динуловиќ (SCEN, Нови Сад), кој на 1 октомври ќе одржи јавно предавање на Архитектонскиот факултет.

Во рамки на АКТО, на 2 октомври во Сули-ан се отвора традиционалната, дваесетта по ред изложба на финалистите на престижната награда ДЕНЕС 2026 за млад/а визуел(е)н/а уметник/чка до 35 години.

Програмата ќе биде заокружена на 4 октомври, со целодневен завршен настан „Бистро на еден ден“, во дворот на Железничката зграда. Настанот е конципиран како интервенција во јавен простор која опфаќа детска ликовна работилница, музичка програма, перформативно готвење и претставување на локални креативни иницијативи и издавачи.

Проектот 21. АКТО фестивал за современи уметности е поддржан од ГЕТЕ институт Скопје и Министерство за култура и туризам на Република Македонија, како и преку проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд. Настанот XX ДЕНЕС награда 2026 е финансиски поддржан од Trust For Mutual Understanding, Њујорк, информираат од тимот на АКТО фестивал за современи уметности.

Поврзани вести