Skip to main content

Македонија на врвот на светската листа според процентот на пушачи

Freepik

Македонија има највисока проценета застапеност на пушењето цигари меѓу населението постаро од 15 години, покажува рангирањето за 2025 година изработено врз основа на податоците од Глобалната здравствена опсерваторија на Светската здравствена организација.

Според листата, 39,5 отсто од населението во Македонија на возраст над 15 години пуши цигари, секојдневно или повремено. Со тоа земјата се наоѓа на првото место меѓу опфатените држави. Станува збор за старосно стандардизирани и моделирани процени на СЗО, со што се овозможува споредување меѓу државите со различна возрасна структура на населението.

На второто место е Источен Тимор со 38,2 отсто, а трет е Либан со 37,2 отсто. Следуваат Бугарија и Србија со по 35,8 отсто, додека Црна Гора е шеста со 33,6 отсто.

Високо на листата се наоѓа и Хрватска, каде што проценетата застапеност на пушењето изнесува 32,2 отсто. Потоа следуваат Кирибати со 30,8, Соломонските Острови со 30,7, Индонезија со 30,2 и Франција со 30,1 отсто.

Во Турција пушат 29,4 отсто од лицата постари од 15 години, колку и во Босна и Херцеговина, додека Унгарија е на 16. место со 28,3 отсто. Шпанија е на 31. место со 25,4 отсто, а не на 18. место како што беше наведено во дел од пренесените информации.

Официјалниот профил на СЗО за Македонија, објавен во рамките на глобалниот извештај за тутунската епидемија, исто така наведува моделирана стапка од 39,5 отсто. Кај мажите таа изнесува 43,6, а кај жените 35,5 отсто. Процената е изработена врз основа на национални истражувања објавувани од 1990 година, а потоа е старосно стандардизирана за меѓународна споредливост.

Националното истражување спроведено во 2023 година меѓу полнолетното население покажало уште повисок удел: 45,4 отсто од испитаниците се изјасниле како тековни пушачи на цигари, а 42,4 отсто како секојдневни пушачи. Овој резултат не е директно споредлив со меѓународната процена од 39,5 отсто, бидејќи се однесува на лица над 18 години и користи различна методологија.

Податоците потврдуваат дека пушењето останува еден од најсериозните јавно-здравствени проблеми во Македонија. Според СЗО, земјата има закони за забрана на пушењето во затворени јавни простори, но оценката за нивното почитување во рестораните, кафулињата, пабовите и баровите е нула, а нема ниту бесплатна телефонска линија со стручна помош за откажување од пушењето.

Поврзани вести