Skip to main content

Мицкоски: Проектот „Чебрен и Галиште“ го претставивме пред американската ДФЦ, имам причина за оптимизам

Владината делегација за време на посетата на Соединетите Американски Држави спровела активна дипломатска офанзива и остварила повеќе економски и политички средби, насочени кон развојот на Македонија, изјави премиерот Христијан Мицкоски во емисијата „Под лупа“ на телевизија „Алфа“.

Тој објасни дека посетата била поделена на два дела – средби во Вашингтон и активности во Њујорк во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации.

Во Вашингтон, покрај средбите во Конгресот, Мицкоски ја издвои средбата во американската Развојна финансиска корпорација – ДФЦ, која располага со финансиско портфолио поголемо од 250 милијарди долари.

На средбата се разговарало за можностите ДФЦ да учествува во финансирањето одредени проекти во Македонија, а владината делегација го претставила капиталниот енергетски проект „Чебрен и Галиште“.

– Со децении се обидуваме да најдеме приватен инвеститор за „Чебрен и Галиште“. Но условите на пазарите во светот и во Европа се такви што во моментов проектот можеме да го разгледуваме како домашна, државна инвестиција – изјави Мицкоски.

Тој потсети дека ДФЦ веќе е присутна во Македонија преку проектно-развојното финансирање на проектот за антимон во Крстов Дол и оти корпорацијата веќе има одредено искуство во земјава.

Мицкоски средбата со потпретседателката на ДФЦ задолжена за инвестиции, Каролајн Вик, ја оцени како успешна и рече дека по разговорот има причина да биде оптимист.

Следниот чекор, како што објасни, е подетално да се разработи проектот, да се утврди замислата за неговото спроведување, кој би бил инвеститорот и кој би го олеснил целиот процес.

Доколку носител на проектот биде АД ЕСМ, компанијата, поради тоа што е во државна сопственост, ќе мора да го почитува Законот за јавни набавки и да објави повик за обезбедување финансиска структура и средства за реализација.

– Очекувам на тој повик да се јави и ДФЦ, заедно со други заемодаватели – посочи премиерот.

Според Мицкоски, од големо значење е Македонија да има отворени врати и релевантни соговорници пред кои може да ги претстави своите развојни планови, по што заинтересираните страни ќе можат да се вклучат во натамошното развивање на проектите.

Политичките позиции и приоритетите на Владата, пак, биле претставени на дебатата во Атлантскиот совет.

– Испративме прилично силни и јасни пораки за приоритетите на политиките на оваа Влада – изјави Мицкоски.

По јавната дебата се одржал и затворен дел според правилата „Четам хаус“, на кој присуствувале повеќе дипломатски претставници од регионот и од Европа.

Вториот дел од посетата се одвивал во Њујорк, каде што се одржа Генералното собрание на Обединетите нации. Мицкоски остварил средби со повеќе лидери од регионот, како и со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

На средбата со Гутереш се разговарало за претстојниот период, плановите за понатамошна соработка и македонските приоритети на меѓународната сцена.

– Од генералниот секретар добивме голема поддршка, па дури, би рекол, и разбирање за фрустрациите што ги имаме кога станува збор за приклучувањето кон Европската Унија – нагласи Мицкоски.

Поврзани вести