Skip to main content

Концерт во целосен мрак на британското електронско дуо Autechre во МКЦ

На 2 октомври во Младинскиот културен центар (МКЦ), британското електронско дуо Autechre за првпат ќе настапи во Скопје, во рамки на концертна вечер со MDX и Александар Ордев.

„ROTK books&music“ го најавува гостувањето на Autechre, легендарното британско електронско дуо составено од Sean Booth и Robert Brown, едни од највлијателните и најиновативните автори на современата електронска музика.

По повеќе од три децении во кои континуирано ги поместуваат границите на електронскиот звук, Autechre за првпат ќе настапат во Скопје – на 2 октомври 2026 година, во Младинскиот културен центар (МКЦ).

На концертната вечер ќе настапи и MDX, DJ проектот на Andy Maddocks, основачот на култната манчестерска издавачка куќа Skam Records.

За локална поддршка, Autechre самите го избраа Александар Ордев, продуцент и еден од препознатливите автори на скопската експериментална електронска сцена. Со својот специфичен пристап кон звукот, Ордев ги поврзува електрониката, амбиентот и авангардата, со што ќе ја отвори концертната вечер во МКЦ.

Особеност на настапите на Autechre е тоа што се одвиваат во целосен мрак, со посебен безбедносен протокол. Без визуелни дистракции, фокусот е целосно ставен врз звукот, создавајќи интензивно и специфично концертно искуство.

Autechre се активни од почетокот на 1990-тите и се сметаат за едни од клучните имиња во развојот на експерименталната електронска музика и IDM. Од нивниот дебитантски албум „Incunabula“ (1993), преку култните изданија „Tri Repetae“ (1995) и „LP5“ (1998), до амбициозните и алгоритамски структурирани композиции од серијалот „NTS Sessions“ (2018), нивната музика постојано ги преиспитува границите на звукот, формата и технологијата.

Sean Booth и Robert Brown потекнуваат од Рочдејл, Манчестер, а нивниот експериментален пристап кон електронската музика започнува уште во раните 1990-ти. Нивната работа со текот на годините остави значително влијание врз развојот на современата експериментална електроника и инспирираше генерации музичари и продуценти.

По распродадената турнеја во 2025 година, Autechre продолжуваат со интензивна концертна активност и во 2026 година, со настапи низ Европа и Јапонија, вклучувајќи го и нивниот најголем хедлајн настап досега во Лондон.

Билетите се достапни преку: MK Tickets – Autechre.

Поврзани вести