
Холандија длабоко жали за „непотребната“ одлука на Израел да ја одземе акредитацијата на холандските дипломати што работат во Западниот Брег, изјави шефот на холандската дипломатија Том Берендсен.
Тој истакна дека одлуката на Хаг да го суспендира увозот на стоки од израелските населби на окупираните палестински територии во Западниот Брег „не е насочена против Израел“.
– Суспендирањето на овој увоз произлегува повеќе од обврската според меѓународното право да не се придонесува кон нелегална ситуација, имено кон нелегалните населби, наведе Берендсен.
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар вчера изјави дека е укинат дипломатскиот статус на холандските дипломати во претставништвото на Холандија во Рамала, како одговор на одлуката на Хаг да забрани увозот на производи од израелските населби на окупираниот Западен Брег.
– Откако минатата недела стапи во сила одлуката објавена од Холандија во јули, холандските дипломати кои работат во Рамала мора да ги вратат своите дипломатски акредитиви во рок од седум дена, објави израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар на Икс.
Тој додаде дека по истекот на рокот „ќе престанат да важат дипломатските привилегии и имунитет што им ги доделила Државата Израел“.
Владата на Холандија во јули соопшти дека од 22 септември, производите што потекнуваат од израелските населби на окупираните палестински територии, кои се сметаат за нелегални според меѓународното право, повеќе нема да се увезуваат.
Претходно, Велика Британија, Франција и Канада соопштија дека ќе воведат ограничувања за трговијата со населбите во Западниот Брег. Израел одговори со затворање на Конзулатот на Велика Британија во Ерусалим. (МИА)

Македонски


