
Одборот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп предложи шестмесечен план вреден околу 2,45 милијарди долари за започнување реконструкција и управување во Појасот Газа, кој вклучува 66 проекти и е дел од планот на Трамп од 20 точки за ставање крај на војната меѓу Израел и палестинското милитантно движење Хамас. Планот беше презентиран на состанок на Одборот со предупредување дека на патот кон обнова на Појасот Газа се соочуваат големи пречки.
Поранешниот британски премиер Тони Блер, кој е член на извршниот одбор, рече дека на Палестинците во Газа „не им треба слоган, туку решение“. Предложените проекти вклучуваат привремено домување, отстранување урнатини, реконструкција на болници, економско закрепнување и распоредување на мултинационални безбедносни сили.
Одборот наведе дека потребите се огромни и процени дека целосната реконструкција на Газа поради физичко уништување ќе чини околу 35,2 милијарди долари на среден рок, со дополнителни 71,4 милијарди долари во текот на следната деценија.
Според планот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој доведе до прекин на огнот на 10 октомври минатата година, треба да има понатамошно повлекување на израелските сили од Газа, разоружување на палестинскиот Хамас, пристигнување на меѓународни мировници и формирање на нова, аполитична палестинска влада која би управувала со секојдневните работи на територијата.
Иако прекинот на огнот ги запре најтешките борби и доведе до подобрување на хуманитарните услови, израелската војска ја прошири својата контрола врз Газа и сега окупира околу 60 проценти од територијата.
Хамас сè уште не се откажал од своето оружје, иако во неколку наврати изразил подготвеност да го стори тоа.
Израел изјави дека нема да се повлече од областите што ги контролира се додека Хамас целосно не го положи оружјето и не биде отстранет од Газа.
Меѓународните сили и новата палестинска влада сè уште не се распоредени во Газа, а реконструкцијата не е започната, додека огромното мнозинство Палестинци сè уште живеат во шаторски населби или во урнатините на нивните поранешни домови.(МИА)

Македонски


