
Кинематограферот на филмот „Роза“, Гералд Керклец на прес конференција сподели искуства од снимањето на филмот, кој имаше одличен прием од жирито на Берлиенале, предводено од Вим Вендерс.
Актерката која ја толкува главната улога, Сандра Хилер во едно интервју рече дека не глуми маж, туку жена која се претставува како маж и затоа главната тема не беше скриена, публиката знае за што се работи. Сандра не ја снимавме поинаку од останатите ликови кои се појавуваат во филмот, а боите се комбинираат за да се долови она што е најважно во филмот. Таа има лузна на нејзиното лице и тековно одлучувавме која страна на лицето кога ќе ја снимаме, бидејќи сметам дека е погрешно еден лик да се снима поинаку од другите. Сцените надвор се снимаа со дневна светлина, но и кај ентериерните сцени се обидував светлината да се поблиска до природната, рече Керклец, чиј ментор Кристијан Бергер, кој е лауреат на Златна камера 300 на „Браќа Манаки“ има влијание во неговата работа и ги користи неговите алатки како отсјајот на светлината, отвореноста на блендата итн.
Филмот користи и референци од уметнички дела и Керклец посочи дека ги истражувале сликите од тоа време во Холандија за да ја доловат таа реалност.
Во рамките на документарната селекција, синоќа беше прикажан филмот „Жив затвор“, а кинематограферот Џими Гимферер на денешната прес конференција рече дека филмот се подготвувал долго време поради продукциски, етички и естетски причини.
Филмот треба да биде документарец, но е сниман како политичка фикција. Беше прилично предизвикувачки за снимање, особено поради приказната на филмот, односно што е она што се случува во Граѓанската војна во Шпанија и репресијата на Франко. Снимавме со непрофесионални актери и синоќа на проекцијата видов дека крајниот резултат е технички прецизен и го доловува аспектот што сакавме да го постигнеме. Ги користевме надворешните пејзажи, работевме со т.н. етичка естетика за да прикажеме што е вистина, а што не е вистина, бидејќи сакавме тоа што го правиме да го направиме како што треба, рече Гимферер и посочи дека најмногу сака да работи со т.н. underground уметници бидејќи смета дека тоа е вистинскиот филм.
Од специјалната селекција на 47. ИФФК „Браќа Манаки“, денеска на прес конференција беше режисерот на филмот „Странски јазик“, Борис Мојсовски.
Темата е прилично сериозна рече Мојсовски, сакавме да ги ставиме во некаква рамка луѓето кои се наоѓаат во ситуација како нашата главна хероина.
Имено, филмот говори за тоа дека по една необична несреќа поради која Северноамериканка почнува да зборува со босански акцент и станува туѓинка во очите на сите околу себе и на тој начин го искусува животот на имигрант.
Режисерот внел и некои лични искуства во филмот и имале одлична комуникација со кинематограферот додека работеле на филмот.
Јазичната бариера секогаш постои, и кога некој имигрант се труди да го научи јазикот сепак останува акцентот и бидејќи имигрантите не се секогаш добро профатени, можеби затоа остануваат некако во кругот на своите блиски без да се интегрираат во општеството, истакна Мојсовски и посочи дека тоа што главниот лик Кети добила босански акцент поради тоа што тој е од Босна и Херцеговина.
Филмот има одлична комуникација со публиката, а тоа се покажа и синоќа на проекцијата кога во публиката имаше гласно смеење.
Од селекцијата на филмови во младинската програма, денеска на прес конференција беше кинематограферот на филмот „Ида која пееше толку лошо дури и мртвите станаа и запеаја со неа“, Рок К. Нагоде.
Сакавме да го прикажеме светот од гледна точка на дете, да изградиме свет кој ќе се прикаже преку очите на Ида. Можеби изгледа како филмот да се одвива во осумдесеттите години во Југославија, но всушност скавме да прикажеме како е да се биде дете низ различни времиња, низ различни простори затоа што никој од нас не го искусил животот во Југославија, родени сме по распадот на СФРЈ, рече Нагоде и посочи дека локациите ги избирале низ сценариото, а имале и одличен дизајнер на светло.

Македонски


