
Австралиско-македонскиот стендап комичар Саш Мишевски, познат како „My Cousin Vlad”, веќе е во Македонија, каде што оваа недела ќе одржи две стендап шоу-вечери – во Охрид и во Скопје.
Првата средба со „My Cousin Vlad” е утре, 23 септември, во Домот на културата во Охрид, а само еден ден подоцна, 24 септември (четврток), во Театар Комедија во Скопје. Двете шоу-вечери ќе се одржат на англиски јазик.
Роден во Австралија и израснат во Сиднеј во македонска средина, Саш Мишевски денес е едно од препознатливите имиња на австралиската комичарска сцена. Неговата приказна со стендапот започнува во 2019 година, кога почнува да снима кратки комични видеа во својот автомобил. Видеата брзо добиваат публика, а она што започнало како креативен проект прераснува во професионална комичарска кариера.

Пред да се посвети на комедијата, Мишевски работел како агент за недвижности, а во младоста бил и вокалист во рок-бенд. Денес е познат како “My Cousin Vlad”, стендап комичар и автор на популарни комични видеа и подкастот „Dis Dat with My Cousin Vlad“.
Неговиот хумор е специфичен спој на австралиското секојдневие и македонското потекло.
Македонското семејство, балканскиот менталитет, културните разлики, традициите и апсурдите на модерниот живот се дел од темите што ги претвора во комедија. Токму перспективата на човек кој растел меѓу две култури е еден од најпрепознатливите елементи на неговиот настап.
По настапи и турнеи во Австралија, како и настапи во САД, Канада и Велика Британија, “My Cousin Vlad” во 2026 година ја носи својата нова турнеја „Total Spin Out“ и во Европа. А сега, за првпат, Vlad доаѓа во земјата на своите корени.
За двата настапи кои се во огранизација на Друга страна ивентс, остануваат уште малку достапни билети на веб страницата на tix.mk.

Македонски


