
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека е потпишан Меморандум за соработка со „Скопје Филм Студио“ и организаторот на Скопскиот филмски фестивал, Томи Салковски, со цел воспоставување долгорочно партнерство за развој на филмската уметност и збогатување на културната понуда во главниот град.
Според Ѓорѓиевски, соработката има за цел да придонесе за посилна меѓународна афирмација на Скопје и за натамошен развој на Скопскиот филмски фестивал, како и негово поцврсто позиционирање на регионалната и европската културна сцена.
Нашиот град има силна филмска традиција, талентирани автори и публика која заслужува квалитетна и достапна култура. Со оваа соработка создаваме услови за натамошен развој на фестивалот и негово поцврсто позиционирање на регионалната и европската културна сцена, посочи Ѓорѓиевски.
Во рамки на меморандумот се предвидени активности поврзани со европски филмски програми, меѓународни партнерства и содржини наменети за младата публика, со што ќе се создадат нови можности за домашните автори и за промоција на македонската кинематографија пред европската публика.
Оваа соработка се реализира во пресрет на проектот „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“, а од Град Скопје оценуваат дека ваквите партнерства се значајни за долгорочен развој на културниот живот и за поголема видливост на македонските уметници на меѓународната сцена.

Македонски


