
Јубилејното, 10. издание на книжевниот фестивал „ArtArea“ и четвртото издание на фестивалот на приказни за деца и млади „Крошна“ почнува денеска, на 18 септември и ќе се одржува до 20 септември во културниот центар „Лабораториум“ во Скопје. Под мотото „Следна станица – мир“, издавачките куќи „Бегемот“ и „Сказнувалка“ подготвија тридневна програма со десет промоции на книги, изложба на фотографии, креативни детски работилници, дебата за издаваштвото и џез-концерт. Влезот за сите настани е слободен.
Во сабота, во 19 часот е промоцијата на книгата „Патувања од другиот џеб“ (Бегемот, 2026) од авторот Васко Марковски. Промотори на изданието се Звонко Наумоски и Зоран Бендевски.
Васко Марковски е туристички водич, патoписец и литературен преведувач. Дваесетина години работел како новинар, патoписец и уредник во петнаесетина медиуми (радио, печатени и мултимедија). Во периодот 2008-2011 бил главен уредник на месечникот „Free Time Guide – Macedonia“. Автор е на поетските книги „Корпоративно утро“ (2013, 2023), „Скопски улици“ (Бегемот, 2022) и „Микроскоп, телескоп, стетоскоп“ (Бегемот, 2024), на монографијата „Урбани легенди“ (Бегемот, 2018, 2023), збирката репортажи „Непозната Македонија“ (Бегемот, 2020) и биографската книга „Јован Спасеновски-Џагула: херој и инспирација за спортисти и за неспортисти“ (Арс Ламина, 2024). За неговите патеписи е награден со признанието „Најдобар промотор на Македонија“ за 2010 година.
Со Марковски разговаравме за што остана недокажано, ненапишено за Македонија по објавувањето на неговата книга патеписи „Непозната Македонија“, за насловот „Патувања од другиот џеб“, за соговорниците, како се бараат приказните и што е потешко, да се најдат или да се напишат, за местата и за луѓето.
Листајќи ја книгата, изненаден сум што го забележувам токму тоа: колку повеќе во оваа книга доминираат личностите, во споредба со „Непозната Македонија“, каде што, мислам, во фокусот се, сепак, местата, вели Марковски во интервју за „Република“.
„Патувања од другиот џеб“ звучи како книга што повторно нè носи по помалку познати патишта. Што е тој „друг џеб“ од кој ги вадите овие патувања?
МАРКОВСКИ: Историјата на насловот и денес по малку ме засмејува. Приказните што се објавени, беа дел од „големото тесто“ кога ја подготвувавме претходната книга патеписи, „Непозната Македонија“, но кога дојде првиот повратен имејл од издавачката куќа, „Бегемот“, коментарот беше: „Васе, ова ако го објавиме вака, ќе ги уплаши луѓето, никој нема да ја купи книгата толкава, 547 страници“. Коментар на место. Се договоривме, да подготвам потесен избор што ќе оди како „Непозната Македонија“, со репортажи што се подиректно поврзани со насловот, а за другите, што ќе останат, ќе најдеме чаре подоцна.
Така, по неколку години одлагање, дојде на ред да се објави и овој материјал, за кој уште од тогаш во главата ми се вртеше насловот „Патувања од другиот џеб“. Насловот се покажа згоден и како надоврзување на претходната книга и како збир приказни што самите по себе формираат и друга целина, а воедно, на некој начин е и остварена желба да му искажам благодарност на Карел Чапек, кого срдечно го засакав за време на студиите по чешки јазик и книжевност, особено преку неговите збирки кратка проза: „Раскази од едниот џеб“ и „Раскази од другиот џеб“.

По „Непозната Македонија“, што остана непронајдено, ненапишано или недоволно раскажано за Македонија?
МАРКОВСКИ: Темите за трагање по непознатото се неисцрпни. Најмногу ни помага да ја следиме својата лична љубопитност – за местата што ни значат, за нештата што сме ги споделувале, што нѐ радувале со луѓето во нашето секојдневие, а гледаме дека еден ден ќе ги нема; за убавите примери и искри на надеж што ги гледаме во тмурноста на светов и веков. Македонија, во таа смисла, може да биде тема самата по себе, но и само сцената на којашто трагаме по нашите приказни. Во оваа книга, приказните се повеќе патешествија низ времето, на просторот на Македонија, а во однос на „Непозната Македонија“ дополнува и некои делови од мапата што останале донекаде незастапени.

Во најавата се вели дека во текстовите се претставени места и предели, дел од нив помалку познати и неоткриени, а други прикажани од поинаков агол. Дали местата може да се запознаат преку луѓето што живеат таму?
МАРКОВСКИ: Сѐ повеќе верувам во тоа. Можеби е отпрво тешко да ги натераш да соработуваат, да прифатат да разговараат со непознат човек, но затоа се пријателствата, препораките, а и животното искуство ни помага полесно да ги одоброволиме.
Времето во кое живееме нѐ направи позатворени, порезервирани, но секојдневно можеме да искусиме колку се луѓето околу нас желни некој конечно нешто да ги праша, особено за нешто позитивно, што им ја враќа радоста, што им ја буди надежта.
Од друга страна, живееме во време кога сѐ повеќе сме опкружени со површност, безволност, посочување со прст кон некој друг за нештата од кои не сме задоволни и тешко е да ја најдеш искрата со која ќе го разбудиш најубавото во соговорникот. Но, трпеливо и со експериментирање, ќе се најде начин.
Што ве привлекува кај соговорниците – професијата, необичната животна приказна или страста со која нешто работат?
МАРКОВСКИ: Многупати тоа се открива во текот на разговорот. Тргнат си со некоја иницијална идеја – „изворот“ – како што велиме во новинарството – има некоја интересна информација за темата за која што сакаме да пишуваме или има некое уникатно искуство – но со време сфатив дека најважното ми е да најдам начин бргу да изградиме доверба, да најдам начин да го расприкажам – и за тоа за што сум тргнал, но патем, разговарајќи да дојдам и до неговиот, до нејзиниот личен јазик, темперамент. Разговарајќи за тоа по што сум тргнал, од разговорот знаат да произлезат уште поинтересни аспекти и информации – ако не за директната тема, за нешто што можеби ќе заслужи посебна приказна подоцна. Деталите што низ дневното новинарство ни личеле банални најчесто се најексклузивниот зачин или најживописното средство во портретирањето на личноста на соговорникот.
Кога се пишува без притисокот на редакциското работење, нештата се порелаксирани и мислам дека тука ми е најважно да си го најдам просторот и амбиентот каде што најубаво се чувствуавм да се осамам со лаптопот, или да си најдам инспиративно тефтерче и инспиративна клупа каде што ќе можам да си фаќам белешки или нешто да скицирам, како концепт за песна, патепис, расказ. Секогаш тука е стапицата, да се залежиш, да ги одложуваш нештата, но веројатно зреењето нѐ учи, сепак, да си задаваме мала листа со нешта што сакаме да ги сработиме во претстојните три-четири месеци, или година-две, ќефлиски, но сепак – дисциплинирано, ако веќе сме нашле начин некоја друга професија да ни биде решение за егзистенцијалните потреби.

Што е потешко, да се пронајде добра приказна или таа приказна добро да се раскаже?
МАРКОВСКИ: Одговрот, пред сѐ, мислам зависи од времето што го имаме на располагање. Како колеги од новинарството добро ни е познато колку понекогаш е тешко да се постигне тоа што сме го најавиле за следното издание на весникот или неделникот – соговорник да откаже, атмосферските услови да ги искомпликуваат условите за теренско работење, да влета реклама на страниците што ни биле најавени како простор на кој ќе треба да легне приказната и сето тоа да се заврши во рокот пред графичките уредници да ти се појават прекорливо на врата: Е, ајде, до кај си!? Но, понекогаш се случува и толку да си под импресии од виденото, доживеаното, што уште по пат накај редакцијата приказната веќе ја имаш напишано, седнуваш и рафално чукаш на тастатурата. На почетокот, можеби е тешко и со двете – и да се пронајде приказна и како да се раскаже, но со време, приказните се раѓаат една од друга, се изострува перцепцијата за тоа каде сѐ има приказна, се зголемува бројот на активни контакти во именикот и стануваш поефикасен и поигрив и во раскажувањето.
Дали низ годините се смени вашиот начин на гледање и пишување за местата што ги посетувате?
МАРКОВСКИ: Споредено со приказните од „Непозната Македонија“, поголемиот дел од овие приказни се напишани откако веќе почнав да пишувам поезија и да експериментирам со хаику. Самиот порив да пишувам поезија и да барам поконцизен израз настана како заситеност од жестокото темпо и, до некаде, заситеноста од пишување прозен текст под притисокот на редакцискот ритам кога се работи во неделник.
Погледнати со оддишка од десетина години откако се настанати, имам впечаток дека во овие приказни веќе се чувствува оставањето повеќе простор од недоречени детали во текстот, како на читатлот да му се остава повеќе воздух во просторијата додека чита. Начинот на гледање, исто така, мислам дека низ годините ми се менува, во што многу ми помагаат секојдневните разговори со луѓе од најразлични краишта на светот, со кои се среќавам работејќи професионално како туристички водич.
Ако „Непозната Македонија“ беше откривање на скриени места, што открива „Патувања од другиот џеб“ – скриени предели или скриени луѓе?
МАРКОВСКИ: И на овој план, од временска дистанца, констатирам дека сум изненаден. Листајќи ја книгата, изненаден сум што го забележувам токму тоа: колку повеќе во оваа книга доминираат личностите, во споредба со „Непозната Македонија“, каде што, мислам, во фокусот се, сепак, местата. Можеби, пак, несвесно, токму тоа и било пресудно за одлуката овие приказни да не одат во таа книга, туку да им се најде посоодветно место подоцна. Во таа смисла, да – ова повеќе ми личи на една галерија на интересни ликови, па потоа – патувања низ времето или просторот, во кои се проткаени.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Приватна архива

Македонски


