
Интензивирани се градежни активности на железничкиот Коридор 8 во делот помеѓу Бељаковце (Куманово) до Крива Паланка. Ја градиме Македонија, објави на Фејсбук вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

И директорот на МЖ „Инфраструктура“, Синиша Ивановски на својот фејсбук профил напиша дека има засилени градежни активности на изградбата на пругата кон Бугарија, делница од Бељаковце кон Крива Паланка.
Оваа делница е во должина од 34 километри. Во моментов засилено се гради најдолгиот мост број 7, во должина од 194 метри, еден од трите неизградени мостови, од вкупно 29 мостови – вели Ивановски.

Како што информира Ивановски, парелелно се произведуваат бетонските елементи потребни за санација на 26-те полуизградени мостови од 1990-тите.
Вкупно треба да се произведат 352 бетонски елементи а до моментов се произведени 71, со динамика од 10 неделно, дополни диекторот.

Според него, вкупен прогрес на проектот е околу 40 отсто, а проекцијата до крајот на оваа година е да се стигне до 50 проценти реализација.
Продолжуваме со засилено темпо до конечна реализација на овој капитален инфраструктурен проект – нагласува Ивановски.


Македонски


