
Во рамки на манифестацијата „Денови на хрватски филм“, денес, со почеток во 20:00 часот, во Кинотеката на Македонија ќе биде прикажан филмот „Устав на Република Хрватска“ („Ustav Republike Hrvatske“) во режија на Рајко Грлиќ.
Проекцијата е дел од шестдневната манифестација „Денови на хрватски филм“, која се одржува од 15 до 20 септември, во соработка со Кинотеката на Македонија, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска.
„Устав на Република Хрватска“ е филм од 2016 година во режија на Рајко Грлиќ, кој низ приказната за четворица сосема различни луѓе отвора прашања за предрасудите, нетрпеливоста, различностите и можноста за меѓусебно разбирање. И покрај нивните големи разлики, животните околности ги поврзуваат ликовите и ги принудуваат да ги преиспитаат сопствените ставови и предрасуди.
Филмот е познат по својот специфичен спој на драма и црн хумор, а преку личните приказни на ликовите зборува за теми кои остануваат актуелни и надвор од конкретниот општествен и политички контекст во кој е создаден.
По проекцијата ќе следува разговор со продуцентот Мајк Дауни, кој ќе разговара со македонскиот писател и книжевник Александар Прокопиев. Разговорот ќе биде можност публиката одблизу да слушне повеќе за создавањето на филмот, неговата продукција и темите што ги отвора.
Во текот на „Денови на хрватски филм“ публиката има можност да погледне избор од значајни остварувања на хрватската кинематографија – долгометражни, кратки и документарни филмови, како и класици на хрватското кино. Филмовите се прикажуваат на оригинален јазик, со титлови на македонски и англиски јазик.
Проекцијата на „Устав на Република Хрватска“ е денес, 16 септември, од 20:00 часот во Кинотеката. Влезот е слободен.
Ве очекува вечер исполнета со филм, разговор и можност одблизу да се запознаете со едно од најинтересните остварувања на современата хрватска кинематографија.

Македонски


