
Проектот за брз автобуски превоз (БРТ) се наоѓа во последната фаза на одобрување од страна на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а во текот на наредните неколку дена се очекува распишување на тендерот за негово проектирање и изведба, соопшти градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
На гостување во емисијата „Ноќно студио“, Ѓорѓиевски информираше дека до банката веќе е доставена сета потребна документација и во моментов се очекува официјалниот одговор, со цел постапката целосно да се заокружи до крајот на оваа недела, по што ќе следува објавувањето на јавниот повик.
Работиме во целосна координација и поврзаност со ЕБОР, а тендерската постапка ќе биде спроведена во согласност со европските регулативи. Очекувам во текот на наредните неколку дена да биде објавена тендерската постапка – истакна Ѓорѓиевски.
Од Град Скопје посочуваат дека во рамките на реализацијата на БРТ-системот ќе се задржи постојното средишно зеленило на булеварите, со што модернизацијата на јавниот градски превоз ќе се одвива паралелно со зачувување на животната средина.
Според проценките на скопскиот градоначалник и стручните тимови вклучени во проектот, по завршувањето на тендерската постапка и изборот на изведувач, градежните активности би можеле да започнат доцна напролет следната година, со поставување камен-темелник и официјален старт на теренската изградба.
Ѓорѓиевски, во своето гостување во „Ноќно студио“ информираше и за реализацијата на проектот за ставање во функција на мостот на улицата „Љубљанска“.
Како што посочи градоначалникот, проектот претставува значаен инфраструктурен зафат со кој ќе се воспостави нова сообраќајна врска меѓу улицата „Љубљанска“ и улицата „Скупи“.
Со реализацијата на проектот ќе се подобри поврзаноста на Карпош со северниот и западниот дел од Скопје, ќе се олесни пристапот кон Бардовци и Злокуќани и ќе се придонесе кон растоварување на постојните сообраќајни правци.
Овој проект предолго беше во застој. Нашата цел е да го активираме и да го ставиме во функција, бидејќи мостот на Љубљанска ќе значи нова и подобра сообраќајна поврзаност за граѓаните на Скопје – истакна Ѓорѓиевски.
Со реализацијата на „Љубљанска“, Скопје добива уште една важна алка во својата сообраќајна мрежа, со која ќе се овозможи побрзо и пофункционално движење меѓу повеќе делови од градот.
Подземната сообраќајница кај комплексот „Лимак“ е еден од стратешките инфраструктурни проекти за Град Скопје, кој според сообраќајните анализи и физибилити студијата се очекува да придонесе за намалување на сообраќајниот метеж во градот за најмалку 33 проценти.
Toj детално ги презентираше i фазите за целосно заокружување на проектот за булеварот „Македонија“ и подземната сообраќајница кај комплексот „Лимак“.
Иако првично било предвидено во текот на мандатот да се реализира само првата фаза, финансиската стабилизација и зголемената дисциплина во работењето на Град Скопје овозможиле да се донесе одлука за целосна реализација на капиталниот проект.
Проценетата вредност на проектот изнесувала 1,1 милијарда денари, но по спроведената јавна и транспарентна постапка, изведувачот е избран за 750 милиони денари со ДДВ. Остварените заштеди се пренаменети преку ребалансот за реализација на потребните спојувања и кружни текови.
Градежните активности во делот од Кисела Вода кон тунелите веќе се започнати, а рокот за нивна реализација е до крајот на следната година.
Во рамките на оваа фаза се предвидени два нови кружни тека – еден кај МВР, со кој ќе се поврзат улиците „Огњан Прица“ и „Јордан Мијалков“, и втор во делот кон „Рамстор“ и Центарот.
Кај МВР ќе се гради и нова пумпна станица, со што ќе се придонесе кон конечно решавање на долгогодишниот проблем со поплавувањето при пообилни врнежи.
За време на градежните активности, улицата „Јордан Мијалков“ ќе стане двонасочна. Од Град Скопје апелираат до граѓаните за разбирање и трпение во периодот на реализација, имајќи предвид дека станува збор за капитален проект од исклучително значење за идното функционирање на сообраќајот во Скопје.
Другиот излез од тунелот ќе биде кај „Нова Македонија“. Веднаш по комплетирањето на втората фаза, без прекин ќе започне и финалната етапа, која го опфаќа поврзувањето на овој излез со околната сообраќајна мрежа. Таму е предвидена изградба на нов кружен тек и проширување со дополнителна сообраќајна лента кон Цветниот пазар, сè до Католичката црква.
Во однос на имотните прашања, процесот на експропријација во делот на Кисела Вода е пред самиот крај. За делот кај Цветниот пазар, доколку биде потребна дислокација на закупците, Град Скопје ќе обезбеди соодветни алтернативни решенија.
Реализацијата на подземната сообраќајница кај „Лимак“ претставува значаен чекор кон создавање пофункционален сообраќаен систем, намалување на метежот и растоварување на постојните сообраќајни правци.
Станува збор за проект кој не е насочен само кон решавање на денешните сообраќајни проблеми, туку кон создавање инфраструктура која ќе одговори на потребите на Скопје во следните децении – проект со визија за градот во следните 100 години.

Македонски


