
Министерот за одбрана на Полска, Владислав Косињак-Камиш денеска изјави дека Варшава ќе ги зајакне граничните премини со Украина, откако за време на викендот руски дронови нападнаа само неколку километри од границата.
Руско беспилотно летало пред два дена погоди патнички воз на украинско-полската граница, додека друг дрон погодил камион на бензинска пумпа.
Граничната полиција подоцна извести дека морала да го прекине прекуграничниот сообраќај, да ги евакуира луѓето од нивните возила и да ги засолнат.
Неодамнешните настани покажуваат дека активностите на Русија ја загрозуваат безбедноста на цела Европа. Во согласност со одлуката на нашата влада, инфраструктурата што ја користи граничната полиција се зајакнува, објави Косињак-Камиш на Икс.
Тој додаде дека војниците на 18-от инженерски полк веќе извршуваат задачи за зајакнување на контролните пунктови и инфраструктурата во близина на полско-украинската граница.
Командата на полската армија во посебно соопштение наведе дека инженерските единици поставуваат резервоари обложени со жичена мрежа, кои можат да се полнат со песок или чакал и да служат како заштита од експлозии или потпорни структури. Градежните работи вклучуваат и изградба на набљудувачки пунктови и стражарски пунктови во близина на полско-украинската граница, на премините Дорохуска, Медика и Корчов.
МИА

Македонски


