
Наградата „Прозарт“ на српскиот писател Драган Великиќ ќе му биде врачена вечерва во 20 часот во Музејот на град Скопје со што ќе биде официјално затворен 14. ПРО-ЗА Балкан. Ќе се обрати авторот, а сите писатели ќе читаат извадоци од свои дела. Настанот е бесплатен и отворен за публика.
„Иднината што не знаеме да ја замислиме“ беше тема на тркалезната маса што се одржа синоќа во рамките на 14. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, во Europe House во Скопје. Инспиративни визии за иднината и реални погледи на сегашноста претставија лауреатот на „Прозарт 2026“, современиот српски писател Драган Великиќ, словенечката романсиерка Габриела Бабник Уатара, Зиновија Василејади од Грција, училиштен психолог и авторка на детска литература, српската писателка Христина Радовиќ-Андриќ, Мајк Дауни, ирско-британскиот автор и продуцент, македонскиот писател Блаже Миневски, албанската писателка Дијана Чули и писателот и сценарист Николај Терзијски од Бугарија.

Панелот традиционално го отвори Дејан Трајкоски, основач на фестивалот. Тој во уводниот дел направи споредба на зададената тема со два филма: „Сталкер“ на Андреј Тарковски и „Седмиот печат“ на Ингмар Бергман. Трајкоски ја опиша Зоната во „Сталкер“ како метафора за непознатото (иднината), а Собата е местото каде што се исполнуваат најдлабоките желби.
Таму луѓето влегуваат со очекување и надеж, а се враќаат преплашени од она со што не можат да се соочат, со непознатото во себе или една интерпретација – иднината. Или „Седмиот печат“ од Бергман, каде што витезот е преплашен од вечноста без смисла (од иднината без смисла), а во меѓувреме осознава дека во сегашноста има јагоди, бело млеко и подадена рака. Каде е тука местото на литературата. Великаните како Орвел, Замјатин, Хаксли пишуваа за иднината со тоа што импрегнираа делови од нивната сегашност – репресивните механизми, општества и сл. Како ќе ја опишува денешниот писател иднината, освен како постапокалиптична, дали ќе влезе во Собата и каков ќе излезе – рече Трајкоски, отворајќи простор за широка дебата.

На него се надоврза Владимир Јанковски, наградуван писател, кој со години соработува со фестивалот и ги модерира тркалезните маси. Јанковски рече дека литературата секогаш е заробена најмалку во три времиња – го реконструира минатото, ја преиспитува сегашноста и ја замислува иднината.
Има прекрасни живописни примери уште во зачетокот на европската цивилизација и литературата. Двата епа на Хомер, „Илијада“ и „Одисеја“ ги читаме од времето во кое се создадени, а реферираат на настани што се случиле 400 години порано. Ги читаме како епови со автентичен епски глас, а се случиле многу порано. Дури и кога реферира на далечно минато, литературата се обидувала да го легитимизира сопственото време. Колку писателите може да излезат од чевлите на сопственото време – рече Јанковски.

На прашањето како лауреатот Великиќ ја замислува книжевната сцена во 2060/2070 година, што го загрижува, а што го охрабрува, тој се пошегува дека не е пророк за да го знае одговорот.
Треба да е добра литература. Толку е едноставно. Иво Андриќ зборуваше дека треба да поминат 50 години за да се види дали литературата е добра. Има многу заборавени генијални дела. Но, тоа што е добро не е изгубено, кога-тогаш ќе излезе на виделина. Некогаш требало да поминат 100, 200 години за да се случи промена – рече Великиќ.
Ќе се обрати авторот, а сите писатели ќе читаат извадоци од свои дела. Настанот е бесплатен и отворен за публика.

Македонски


