Skip to main content

Министерот Клековски во посета на Диспечерската служба на здравството во Словенија

Министерство за здравство

Министерот за здравство, Клековски, утрово ја започна тридневната посета на Словенија со посета на Националниот диспечерски центар во Љубљана, во придружба на амбасадорот Горан Милевски. Посетата беше посветена на запознавање со словенечкиот модел на итна медицинска помош и размена на искуства во организацијата и координацијата на службите.

фото: Министерство за здравство


На средбата со претставниците на словенечкото Министерство за здравство и на центарот, предводени од директорот Андреј Финк, се разговараше за реформата на итната медицинска помош започната во 2017/2018 година. Притоа беше претставена работата на Националниот диспечерски центар, кој преку две паралелни единици во Љубљана и во Марибор ги прима сите итни медицински повици и ги координира тимовите на итната медицинска помош и ургентните центри.

фото: Министерство за здравство


Во рамки на разговорите беше претставен и словенечкиот индекс за тријажа, заснован на норвешкиот модел, со кој итните случаи се класифицираат во три групи според степенот на итност и во 27 групи според причините за повикот. Беа разгледани и организациското раздвојување на докторите и тимовите за итна медицинска помош, како и стандардизацијата на возилата, од мотоцикли до хеликоптери.
Посебно внимание беше посветено на воспоставените стандарди и оперативни процедури, кои опфаќаат показатели за следење на квалитетот и постапување по поплаки. Беше презентиран и системот за обука на диспечерите, која трае од шест до девет месеци, со задолжителна проверка на знаењата на секои пет години.

фото: Министерство за здравство


Министерот Клековски ја оцени посетата на центарот како инспиративен почеток на тридневната посета на Словенија. Тој истакна дека словенечките искуства претставуваат значајна основа за размена на знаења и продлабочување на соработката во подготовката и спроведувањето на идните реформи на итната медицинска помош во Македонија.

Поврзани вести