Skip to main content
ДРАГАН ВЕЛИКИЌ, ПИСАТЕЛ, ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „ПРОЗАРТ“

Штом се појави страв од загрозеност, нешто не е во ред со идентитетот

Милован Можноста за постоење на другиот зависи од нашите сопствени капацитети.

Еден од најзначајните, најпреведуваните и најпрепознатливите современи српски писатели Драган Великиќ, двократен добитник на најзначајнтата српска награда за проза „НИН“ доаѓа во Скопје каде што на 15 септември во Музејот на град Скопје ќе му биде врачена наградата „Прозарт“, која ја доделува Интернационланиот литератирен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“.

Годинашното 14. издание на „ПРО-ЗА Балкан“ ќе се одржи од 13 во 15 септември во Скопје, а наградата „Прозарт“се доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот.

Во импресивната биографија на Великиќ пишува дека е автор на дванаесет романи, три збирки раскази и повеќе книги есеи, интервјуа и дела од други жанрови. Неговиот прв објавен роман, „Виа Пула“,го издвои како едно од најперспективните и најособените имиња во тогашниот нов постмодерен српски прозен бран. Неговите следни романи, „Астраган“ и „Дантеовиот плоштад“, го сместија меѓу водечките имиња на тогашната југословенска книжевна сцена. За романите „Руски прозорец“ (2007) и „Иследник“ (2015) се закитува со наградата „НИН“. Во 2013 година, ја добил Наградата на градот Будимпешта за литература, а во 2019 година и Меѓународната книжевна награда „Виленица“. Тој е член на Унгарската академија за уметност и книжевност „Сечени“.

Во интервју за „Република“ со Великиќ разговаравме за домот, другиот, Балканот, идентитетот, стравот.

Отсуството на страв од другиот подразбира силен идентитет. Штом се појави страв од загрозеност, нешто не е во ред со идентитетот. Зашто идентитетот не е структура создадена еднаш засекогаш, туку процес кој, како и вселената, нема ни почеток ни крај. Животот е растење, а растењето е размена, физиолошка активност на телото и духот. Размената е можна само со друг, вели Великиќ за „Република“.

Велите дека „Прозарт“ Ви е особено драга затоа што доаѓа од просторот на Вашата поранешна татковина. Што денес за Вас значи „поранешната татковина“ – географија, јазик, сеќавање или еден исчезнат свет?

ВЕЛИКИЌ: На крајот, сè тоа се сведува на едно наследство. Кога ќе достигнете одредена возраст, зад вас останува цела една епоха. Ризниците на сеќавања се полни и, каде и да тргнете, се соочувате со фрагменти од некогашниот живот. Верувам дека секој живот е составен од различни слоеви што ги согледуваме дури од одредена, зрела перспектива , кога ќе се повлечеме малку наназад и ќе го изостриме погледот – преку фрагменти од сеќавања.

Во „Виенскиот роман“ го допирате прашањето на недовербата кон другиот и различниот. Зошто токму денес, во време кога формално сме поповрзани од кога било, толку тешко го прифаќаме другиот?

ВЕЛИКИЌ: Не сум сигурен дека тоа е баш така. Тешко ми е да го измерам тоа. Дали „другиот“ е сè она што ние не сме? Полесно е да се создаде некој друг, отколку да се запознае и прифати како друг, да му се дозволи да биде друг. Можноста за постоење на другиот зависи од нашите сопствени капацитети. Таму каде што нема место за вистинскиот „друг“, нема место – пред сè – за каков било свет, освен за предрасуди и заблуди. Отсуството на страв од другиот подразбира силен идентитет. Штом се појави страв од загрозеност, нешто не е во ред со идентитетот. Зашто идентитетот не е структура создадена еднаш засекогаш, туку процес кој, како и вселената, нема ни почеток ни крај. Животот е растење, а растењето е размена, физиолошка активност на телото и духот. Размената е можна само со друг. Другиот нè обликува. А ние сме некому други.

Виена во романот е простор во кој се среќаваат различни култури и идентитети. Дали Вие ја гледате Виена како спротивност на Балканот или како негово огледало?

ВЕЛИКИЌ: Сè зависи од тоа колку долго се набљудува. Едно е да поминете неколку дена во Виена како турист, а сосема друго да го живеете виенското секојдневие. Ја запознав таа градска средина на почетокот на деведесеттите години од минатиот век, возејќи се со трамваите до последните станици, таму каде што капиларите на периферните улици се губат во зеленилото. Секако, најдобриот начин да се запознае градот е без однапред утврден план, доколку, се разбира, го имате луксузот на неограничено слободно време. Ги познавам само оние градови во кои сум живеел одредено време, бидејќи тоа е единствениот начин да се почувствува барем дел од нивното секојдневие. Туристичките посети не ги сметам.

Прекрасно е да се биде гостин во Виена, да се ужива во величествените фасади, чистите улици и парковите. Како странец, можете да бидете високо ценет градинар, болничар, негувател… Но, не е многу пожелно да се искачувате по нивната социјална скалила над границите што тие ги поставиле за другите и поинаквите.

Виена е полна со луѓе од Балканот. Тие главно усвојуваат одредени пожелни манири, без кои е тешко да се опстане во таа средина. Ова е главно позитивната страна на австриското влијание врз „дивиот“ Балкан. Сепак, во пракса работите стојат малку поинаку, бидејќи германскиот ред, кога станува збор за Виена, може да биде многу релативен.

    Во „Виенскиот роман“, мојата последна книга заснована на лично искуство со австриската бирократија, станува збор за правосуден систем кроен по мерка на привилегираните, во кој човек може да биде прогласен за непресметлив за многу кратко време и каде што само усни изјави се доволни за да се одреди мерка притвор.

    Се разбира, ако станува збор за странец, за другиот и поинаквиот во национална, емотивна и сексуална смисла.

    Строгата хабсбуршка бирократија негуваше посебен дух, полн со стравови и вознемиреност, со потреба за ред и симетрија, како и за препознавање на секојдневните ритуали како координати без кои егзистенцијата би потонела во хаос. А за да се одржат редот и мирот, секој поединец е должен да се покори – бидејќи без тоа е невозможно беспрекорно функционирање на државниот механизам. Бирократијата овде навлезе и во генетскиот код. Системот функционира благодарение на совршена мрежа за контрола. А тоа му е блиско на малограѓанинот, бидејќи неговиот најважен мисловен процес вообичаено се одвива низ размислување за тоа како го гледаат другите.

    Фото: Милован Миленковиќ / Драган Великиќ: Животот е растење, а растењето е размена, физиолошка активност на телото и духот. Размената е можна само со друг


    Вие сте човек на повеќе градови – Белград, Пула, Виена, Будимпешта… Дали човек кој живее меѓу повеќе градови на крајот има еден дом или повеќе домови?

    ВЕЛИКИЌ: Постои само еден дом. Би рекол дека тоа е место каде што човек расте. Во мојот случај, тоа е Пула – градот во кој ги поминав годините на своето созревање.

    Пула е градот на Вашето детство и на Вашиот прв роман. Кога денес ќе се вратите во Пула, дали го гледате градот што го паметите или градот што сте го создале во литературата?

    ВЕЛИКИЌ: И едното и другото. Тоа не може да се раздвои, бидејќи секогаш станува збор за двојна експозиција. Минатото и сегашноста се слеваат едно во друго.
    Редовно одам во Пула, барем еднаш годишно. И, се разбира, забележувам промени во ликот на градот. Невозможно е да се разминам покрај сликите што се трајно врежани во моето сеќавање.

    Дали мислите дека денешните генерации на Балканот имаат право да ја заборават Југославија – или заборавањето на минатото секогаш носи опасност да ги повториме истите грешки?

    ВЕЛИКИЌ: Не би им задавал домашна работа на денешните генерации. Впрочем, дефиницијата за „денешната генерација“ е многу релативна. За она што претстои, тие секако се поподготвени од нас, чие искуство не нè заштитило баш од грешки. Животот не е минско поле. Не постои шема што нè води по безбеден пат. Искуството се стекнува преку грешки.

    Фото: Милован Миленковиќ / Драган Великиќ: Искуството што го црпиме од литературата е многу важно за обликувањето на нашиот поглед на светот

    Бевте дипломат, но и човек кој активно го следел и коментирал политичкиот живот. Дали политиката некогаш Ви помогнала подобро да ги разберете луѓето за кои пишувате?

    ВЕЛИКИЌ: Не сум размислував за тоа на тој начин. Сметам дека од помош ми беше искуството со читањето. Искуството што го црпиме од литературата е многу важно за обликувањето на нашиот поглед на светот.

    Ако денес би требало да напишете роман за Балканот, што би било неговото најголемо прашање: од што се плашиме, што паметиме или зошто сè уште не знаеме да живееме со различностите?

    ВЕЛИКИЌ: Не би генерализирал и не би се криел зад закрилата на првото лице множина – „ние“. Постои група луѓе, поголема или помала, која првенствено ја карактеризира ментална мрзливост, што ги прави многу подложни на манипулација. Неспособните политичари кои на Балканот ги има премногу, со помош на медиумите градат одреден наратив за да го свртат вниманието на луѓето од сопствената неспособност. Тие не можат без маргинални непријатели, без разлика дали станува збор за мигранти, геј-популацијата, Хрвати, Албанци, жени што имаат премногу моќ… што и да посакате. Масата подложна на манипулација е многу лесна цел. А тоа моментално се случува насекаде во светот. Веројатно се случувало и отсекогаш, но медиумите и интернетот го носат тоа во секој дом со молскавична брзина. Така што, тој роман за „Балканот“ би морал премногу да се занимава со политика. Политиката ја оставам за колумините, не ѝ давам место во прозата.

    Разговараше: Александра М.Бундалевска

    фото: Милован Миленковиќ

    Поврзани вести