Skip to main content

Комедијата „Чудесна терапија“ на Драмски вечерва на фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица

Претставата „Чудесна терапија“ вечерва во 19:30 часот се игра во рамките на програмскиот дел на 34. МФКТ „Ристо Шишков“ што и оваа година традиционално започна на 8 септември во НУЦК „Антон Панов“.

„Чудесна терапија“ е работена по текст на авторот Даниел Глатауер. Режисер е Димче Николовски, драматург Александра Бошковска, костимограф е Раде Василев.

Улогите ги играат актерите на Драмскиот театар Скопје: Предраг Павловски, Маја Вељковиќ-Пановска и Соња Стамболџиоска.

Во програмската белешка се вели:

Претставата ‘Чудесна терапија’ го поставува прашањето: Доколку комуникацијата е универзална способност на секој човек, дали знаеме вистински да комуницираме? Се чини едноставно, но во една врска, сакале или не, сѐ станува комплицирано. Понекогаш и до бескрај. Разговорот знае да прерасне во кавга, кавгата во конфликт, а конфликтот во војна. А проблемот, наместо да биде решен, да роди нов, поголем проблем“.

Претставата премиерно е изведена во мај 2019 година и до сега има 56 изведби од кои десетина гостувања на театарските фестивали низ Македонија и во земјите од регионот.