
Цената на европскиот природен гас денеска нагло порасна поради загриженоста во снабдувањето што произлегува од прекините во испораката од производствените области во Персискиот Залив, јави ДПА.
Фјучерсите за природниот гас TTF за испорака за следниот месец денеска во раното тргување на берзата во Амстердам скокнаа за повеќе од пет отсто, достигнувајќи 83,75 евра за мегават час (MWh), што е највисокото ниво од крајот на 2022 година.
Инвеститорите, пренесува ДПА, се загрижени заради продолжениот прекин во снабдувањето со течен природен гас (LNG) од Блискиот Исток поради блокадата на Ормуската Теснина.
Дополнително, денеска е одложена средбата меѓу Иран и неколку земји од Заливот на која требаше да се разговара за ситуацијата во теснината.
„Поради необезбеден консензус регионалниот состанок закажан за утре во Салала е одложен. Остануваме посветени на поттикнување на дијалогот што ја поддржува стабилноста и трајната соработка во нашиот регион“, објави шефот на оманската дипломатија, Бадр ал-Бусаиди, доцна синоќа на платформата Икс.
Првичниот план наводно бил Иран и Оман да презентираат договор на состанокот во врска со застојот во конфликтот околу Ормуската Теснина.
Европската цена на гасот оваа година е зголемена речиси за три пати, без крај на кризата во Иран и поврзаните ограничувања на снабдувањето со енергија. Европските земји, исто така, се под временски притисок да ги надополнат своите ниски резерви на гас пред почетокот на зимата, потсетува ДПА.(МИА)

Македонски

