
Јеменските бунтовници Хути презедоа контрола врз нови стратешки острови во јужниот дел на Црвеното Море и со тоа дополнително ја зајакнаа својата позиција на една од најважните светски поморски рути.
Информацијата денеска ја потврдија функционери на јеменската влада и на самите Хути.
Бунтовничките сили се распоредени на островите Голем Ханиш и Мал Ханиш, кои се наоѓаат околу 160 километри северно од протокот Баб ел-Мандеб. Ова го потврдија два извори од јеменската влада и еден од бунтовничките редови. Сите функционери зборуваа под услов да останат анонимни бидејќи не се овластени да даваат изјави за медиумите.
Хутите ги зазедоа островите откако стотици војници лојални на владата се повлекоа од архипелагот. До преземањето на островите дојде кусо време откако бунтовниците минатата недела од јеменската војска, која е поддржана од Саудиска Арабија, ги освоија пристанишниот град Моха и островот Мајун во протокот Баб ел-Мандеб.
Судирите во Јемен значително се интензивираа во текот на неделата. Владините сили, кои делуваат долж брегот на Црвеното Море, почнаа напади врз позиции на Хутите, кои се поддржани од Иран. Бунтовниците одговорија со напади врз цели во соседната Саудиска Арабија, која е клучен сојузник на јеменската влада.
Јеменската влада најави испраќање засилување на црвеноморскиот брег. Еден владин функционер во изјава призна дека губењето на Моха и на островите во протокот Баб ел-Мандеб е „болен“ пораз. Протокот е стратешки важен како главна алтернатива за Ормуската Теснина.
Новата ескалација на судирот, особено нападите на Хутите врз саудиската нафтена инфраструктура и бродовите во Црвеното Море, ја загрозува стабилноста на глобалното снабдување со нафта и влијае врз нејзината цена. Иран би можел ваквиот развој на настаните да го искористи како предност во односите со Соединетите Држави.
Обединетите Нации проценуваат дека од почетокот на септември, поради борбите во Јемен, кој е соочен со закана од нова граѓанска војна, се раселени повеќе од 80.000 луѓе.(МИА)

Македонски

