
Турската полиција заплени 350 килограми кокаин скриен на брод кој пристигнал во пристаништето Мерсин, со што е прекинат синџир преку кој се шверцува дрога од Јужна Америка, пренесоа денеска локалните медиуми.
Министерот за правда Акин Ѓурлек изјави дека турските власти одлучно ќе ја продолжат борбата против кривичните дела поврзани со дрога, од самиот извор до дистрибутивната мрежа, од финансиерите до нарко-босовите.
– Нема да има толеранција кон трговците со дрога, ниту премин за нарко-босовите – рече тој, пренесува Хабертурк.
Дрогата, чија пазарна вредност изнесува приближно 1,5 милијарди турски лири (околу 26,6 милиони евра), е одземена, а уапсени се деветмина осомничени кои биле идентификувани преку технички и физички надзор. Против осомничените е поведена правна постапка за кривично дело производство и трговија со опојни или стимулативни супстанции.
„Операцијата против трговците со дрога е спроведена како резултат на работата на Одделот за борба против наркотици на Полициската управа на Истанбул и Одделот за борба против наркотици и разузнавачка работа на Полициската управа на Мерсин“, се наведува во соопштението на полицијата.
По информацијата дека голема количина наркотици се наоѓа на брод кој испловил од Јужна Америка и пристигнал во пристаништето Мерсин, утврдено е дека товарниот брод од Бразил се закотвил во тоа пристаниште. За време на претресот на бродот биле запленети приближно 350 килограми кокаин во 12 големи пакети, заедно со нуркачка опрема и опрема за подводни скутери.
Ѓурлек во објава на социјалните мрежи наведе дека турските власти водат борба против нарко-босовите и меѓународните криминални мрежи кои тие ги воспоставиле.
Потсетувајќи дека пред два дена во Истанбул беше уапсен Ислам Јакут, водач на меѓународна организација за трговија со дрога кој беше во бегство од 2017 година, Ѓурлек соопшти дека денеска во Мерсин му е зададен удар на синџирот за трговија со дрога кој планирал транспорт на кокаин по морски пат од Јужна Америка.
Ѓурлек наведе дека, во рамките на истрагата која ја води Главното јавно обвинителство во Мерсин, полициската управа го открила планот дрогата да се скрие во трупот на бродот под површината на водата, да се извлече со помош на нуркачи и да се транспортира во западните провинции.

Македонски

