Skip to main content

Кога AI ја предизвикува правдата е насловот на Меѓународната научна конфренција која ќе се одржи на 16 септември во Скопје

На 16 септември 2026 година, во хотел „Панорамика“ во Скопје, ќе се одржи меѓународната научна конференција „When AI Betrays Law and Justice: Human Rights, Constitutionalism and Democratic Accountability in the Algorithmic Age“. Конференцијата ќе отвори дебата за тоа како забрзаниот развој на вештачката интелигенција влијае врз правото, човековите права, институциите и демократската одговорност.

Организатор на конференцијата е Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во рамки на истражувачкиот проект „Усогласување на македонскиот правен систем со законодавството на Европската Унија за вештачка интелигенција“, финансиран од Министерството за образование и наука на Република Македонија.

Настанот ќе ги обедини меѓународните говорници, претставници на академската заедница, правни експерти и практичари во дискусија за влијанието на вештачката интелигенција врз човековите права, уставноста, владеењето на правото, регулацијата и демократската одговорност во алгоритамското доба.
Програмата ќе биде организирана во два дела. Првиот дел ќе опфати главни говорници и експертски панели за вештачката интелигенција, човековите права, уставноста, регулацијата и демократската одговорност. Вториот дел ќе биде посветен на вештачката интелигенција во Македонија, со фокус на јавните перцепции, корпоративните практики и институционалната подготвеност.

Во рамки на програмата ќе бидат презентирани нови емпириски наоди од Македонија, кои треба да поттикнат поширока стручна и јавна дебата за подготвеноста на државата, институциите, приватниот сектор и граѓаните за одговорна примена на вештачката интелигенција.

Меѓу меѓународните говорници се Јудит Варга, основачки покровител на Central European Academy при Универзитетот во Мишколц, Унгарија; Лаура Каск, извршна директорка на Proud Engineers, консултантска компанија за дигитализација од Естонија; Пол Немиц, поранешен главен советник за стратегии за дигитална транзиција во Европската комисија; и Макс Хубнер, визитинг професор по право на College of Europe во Германија и основач и извршен директор на The Change Lawyer од Холандија.

Во експертските панели ќе учествуваат проф. д-р Лазар Јовевски, проф. д-р Александар Спасов и проф. д-р Бобан Мисоски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, заедно со други професори и експерти кои ќе разговараат за правните и институционалните аспекти на вештачката интелигенција.
Во делот „AI in North Macedonia – Research Team & Expert Contributors“ ќе учествуваат проф. д-р Тања Каракамишева Јовановска, проф. д-р Христина Рунчева Тасев, проф. д-р Драган Гоцевски, доц. д-р Константин Битраков, асист. Катерина Жатева и проф. д-р Владимир Божиновски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, како дел од истражувачкиот тим. Во дискусијата ќе се вклучат и експертски соработници, меѓу кои и Суад Сефери, претседател и основач на AI NOW Society, со осврт на подготвеноста за вештачка интелигенција во Западен Балкан и Македонија.

Учеството на конференцијата е бесплатно, а бројот на места е ограничен. Заинтересираните учесници треба да се регистрираат најдоцна до 12 септември 2026 година.

Поврзани вести