Skip to main content

Во Струмица промоција на збирката песни „Одглас (на нечуеното)“ од Сузана Мицева

Со поетско читање и беседа вечер во Струмица ќе биде промовирана новата збирка песни „Одглас (на нечуеното)“ од поетесата Сузана Мицева. Песни од книгата ќе интерпретира младата актерка Васка Ангелова и авторката, а Ана Витанова-Рингачева која е и рецензент на книгата, низ книжевна беседа ќе ја претстави пред публиката.

Стихот на поетесата Сузана Мицева е патник кој нема свое постојано место за починка, тој патува и освојува метафизички простори на духот, со порив да открие нови и непознати предели на мислата. Откривајќи ги, ги допира, ги чувствува, ги зема со себе и преку песната ги прави видливи за човекот и светот. Тоа е нејзиниот опит, нејзината потајна нарав, да гради домови надвор од својот, да ги облагородува, да колчи нови градини, да оградува парче небо и тука да битисува. И така сѐ до некое следно патување на песната, пишува Ана Витанова Рингачева.

Оваа е петта збирка песни за возрасни на Мицева, а излезе со поддршка на Министерството за култура и туризам како самоиздат.

Промотивниот настан ќе се одржи вечер во Младинскиот центар во Струмица, а средствата од продадените книги ќе се искористат за хуманитарните активности на Фондацијата „Елеуса“.