Skip to main content

Почина Јајои Кусама, една од највлијателните и најскапите современи уметници

Јапонската авангардна уметница Јајои Кусама, една од највлијателните уметници на својата генерација, почина на 97-годишна возраст во Токио. Кусама зад себе остави долгогодишна кариера, а во 1977 година доброволно се смести во психијатриска болница, која со текот на времето стана нејзин дом. Таа продолжи да работи во студиото во близина и твореше до последните денови од животот, пишува „Гардијан“.

Препознатлива по црвената перика и психоделичните дезени, Кусама стана позната низ светот по своите точки и препознатливите соби со огледала и светла. Нејзиниот специфичен уметнички израз се појавил уште во детството во Јапонија. Тогаш почнала да доживува силни халуцинации, а цртањето ѝ помогнало да се справи со она што го гледа и чувствува.

Во 1958 година се преселила во Њујорк, каде набрзо станала дел од авангардната уметничка сцена. Со своите провокативни перформанси, необични инсталации и протести против војната во Виетнам, Кусама привлекувала големо внимание. Во средина во која доминирале мажи, често морала да се бори за своето место, а подоцна тврдеше дека нејзините идеи биле преземани и користени од некои од познатите уметници од тоа време.

По враќањето во Јапонија во седумдесеттите години, Кусама доброволно била сместена во психијатриска болница во Токио. Таму останала до крајот на животот, а секој ден одела во своето студио во близина и работела од утро до вечер.

Поширокото признание и светската слава ги доживеа во последните децении од животот. Нејзините изложби во големите светски метрополи привлекуваа огромен број посетители, а пред нејзините познати соби со огледала и светла често се создаваа долги редици.

Иако со текот на годините стана една од највлијателните и најскапите современи уметници, Кусама до крајот на животот остана посветена на работата. Создавањето, како што самата често истакнуваше, било најважниот дел од нејзиниот живот.

Поврзани вести