
Билјана Плавшиќ, поранешна членка на военото и политичкото раководство на Република Српска, почина во Белград на 96-годишна возраст, пренесува Н1. Плавшиќ беше осудена пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг за прогон на политичка, расна и верска основа.
Во 2003 година, Плавшиќ се изјасни за виновна и беше осудена на 11 години затвор. Според пресудата, таа учествувала во прогон на босански муслимани, босански Хрвати и друго несрпско население во 37 општини во Босна и Херцеговина.
На 26 јуни 2003 година, Плавшиќ беше префрлена од Хаг во Шведска, каде што ја издржуваше казната во затворот „Хинсеберј“. Во октомври 2009 година беше ослободена во Белград, откако отслужи две третини од казната.
Пред влезот во политиката, Плавшиќ била професорка и деканка на Факултетот за природни науки и математика во Сараево. На изборите во 1990 година беше избрана за членка на колективното Претседателство на Босна и Херцеговина.
Последните години од животот ги помина во Белград, надвор од политичкиот живот. Погребот на Плавшиќ треба да се одржи во Бања Лука.

Македонски


