
Кај нас, последнве децени се случуваат многу драматични работи. За нив сите зборуваат, а најретко зборуваат тие на кои директно им се случува, кажа синоќа на „МакеДокс“ македонскиот режисер Милчо Манчевски на македонската премиера на документарниот филм „Добри луѓе“, кој го снимил еден месец по трагедијата во Кочани кога во дискотека загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Светската премиера на „Добри луѓе“ се случи минатата недела на Сараевскиот филмски фестивал. Во документартецот преживеаните од пожарот како и родители на загинатите деца сведочат за најголемата несреќа која се случи во Македонија.

По проекцијата во Куршумли ан, во рамки на Фествалот „МакеДокс“ имаше разговор со Манчевски во кој тој се заблагодари на „Сапорт Кочани“ без чија помош овој филм немал да биде снимен. Тие ги напрвиле иницијалните контакти со луѓето. На барање на публиката, пред разговорот со режисерот, со едноминутно молчење им беше оддадена почит на жртвите во трагедијата.
Намерата беше да дадеме платформа. Ние како филмски автори да се повлечеме во позадина. Се разбира, ние имавме многу голема ангажираност во сортирањето, во организирањето и во плетењето на големата слика од сите тие индивидуални приказни. И идејата остана ова да биде еден аскетски, еден минималистички филм кој, пак ќе кажам, ќе биде документиран, но ќе биде и документ и платформа за луѓето кои поминаа низ ова, изјави Манчевски.
Како што кажа Манчевски, тие почнале да снимаат само еден месец по трагедијата.
Довербата што луѓето ја покажаа кон нас ме направи да се чувствувам многу скромно, односно со огромна почит што ја чувствувам кон луѓето кои ни веруваат. И мислам дека тие видоа дека ние не сакаме ниту да правиме сензација, ниту да тераме политика, туку да им дадеме можност да ја искажат својата приказна и својата болка. Не беше лесно, мислам дека сите беа погодени, а особено монтажерот кој мина месеци со овие лични приказни на протагонистите. потенцираше Манчевски.
Тој кажа дека не е документарист, објаснувајќи дека неговиот филм „Мајки“ е пола документарец, но никогаш не работел документарни филмови.
Јас имам одреден сомнеж кон документаристичкиот жанр. Мислам дека честопати… сакајќи или не сакајќи, во помала или поголема мерка, вистината е манипулирана во правењето документарен филм. Исто така имам видено и филмови каде што недостаток на талент се крие зад многу важна тема. Меѓутоа, сметав дека ова е многу важен настан. Луѓето што се погодени имаат што да кажат и тоа што го почувствувале мора да биде запишано во еден ваков формат и затоа се одлучив да го направам ова, изјави Манчевски.

На прашање од публиката дали филмот дека ќе има позитивно или негативно влијание на судскиот процес кој во моментот е во тек, Манчевски одговори дека тој е режисер, не е судија.
На прашањето какви емоции имал при снимањето и монтажата, Манчевски изјави дека додека снимале, а и потоа во монтажата успеал да направи дистанца бидејќи тоа било важно за да се направи филмот.
Мојата емотивната реакција дојде дури откако го завршив филмот и во неколку наврати кога го гледав ми дојде да се расплачам“, рече Манчевски.
На прашањето од публиката дали имало притисоци додека се снимал филмот, тој рече дека немале, бидејќи се погрижиле да ги нема.
Ова е приватен проект, јас го финансирав и не баравме поддршка од Агенцијата за филм, меѓу другото за да избегнеме можност за притисоци, изјави Манчевски.
Денеска и утре филмот ќе има и бесплатни проекции во Домот на културата „Белимугри“ во Кочани.
Од 26 август, „Добри луѓе“ ќе игра во скопското кино Синеплекс. На иницијатива на Манчевски и во соработка со Синеплекс, целиот приход од билетите ќе биде дониран преку „Сапорт Кочани“ за помош на жртвите и преживеаните од трагедијата во Кочани, соопшти киното.
Монтажер е Мишко Чунихин, директор на фотографијата е Иван Ивановски, музиката е на Игор Василев-Новоградска, а извршни продуценти се Татјана Ќурчинска-Пепељугоска и Лудовико Кантисани.

Македонски


