
Утре, 24 октомври (сабота), во 12 часот, во „Лабораториум“ ќе се одржи промоцијата на „ИНА“, книгата за деца од Весна Мојсова-Чепишевска, со илустрации на Иванка НиБа, во издание на „Светулка“. Промоторка ќе биде Ана Јовковска, а со своја точка ќе настапат децата од „Доза среќа“.
„Јас сакам да раскажувам приказни. Тие прават болката да си оди“, вели Ина. Оваа мисла се потврдува и во нејзините постапки: со приказна, таа знае да ја смири малата сестра и да му помогне на друго дете да ја преброди болката. Раскажувањето станува нејзин начин да се приближи до другите и да им понуди утеха.
Читателите ја запознаваат Ина низ дневникот на нејзината прва училишна недела. Училиштето и домот се местата во кои се испреплетуваат нејзините стравови, љубопитноста и семејната блискост. Приказната ја следи со топлина и хумор, оставајќи простор за детската фантазија и за прашањата што не добиваат одговор веднаш. Така, „ИНА“ им се обраќа и на децата и на возрасните што сакаат подобро да ги разберат.
Средбата со Ина продолжува и на страниците наменети за читателите. Во дневничкиот распоред од понеделник до недела, тие можат да внесат свои записи, цртежи и колажи. Книгата им остава слобода да изберат како ќе раскажуваат за сопствените доживувања. За семејствата и наставниците, овие страници можат да бидат повод да го слушнат она што детето сака да го сподели.
„За децата, Ина може да стане другарка. За возрасните, таа е проверка на начинот на кој гледаме и слушаме“, пишува Иван Антоновски во својот критички осврт. Антоновски посочува и дека родителите можат преку книгата да започнат разговор за стравот, потсмевањето и сестринската блискост.
За ликовниот свет на книгата, Марко Трпевски во својата рецензија ги издвојува значењата на боите, поврзувајќи ги со поддршката, мечтата и чувството на сигурност. Во графитниот цртеж на Иванка НиБа тој препознава простор на себеприфаќање. Погледите, движењата и прегратките во илустрациите ги доближуваат чувствата на Ина до читателот, продолжувајќи го раскажувањето преку сликата.
Весна Мојсова-Чепишевска, авторката на „Клуч во клучалката на детството“ и „Од ‘Црвенкапа’ до ‘Џинџуџе’“, со „ИНА“ го продолжува своето долгогодишно занимавање со книжевноста за деца преку сопствена приказна. Во нејзиното средиште е гласот на Ина, а раскажувањето го следи нејзиниот ритам и нејзиниот начин на гледање на светот.
Токму на утрешната промоција, книгата првпат ќе биде достапна за читателите. Поканети се децата, нивните семејства, наставниците и сите што сакаат да ја запознаат Ина.

Македонски

