
Основана на 24 август 1991 година, петнаесет дена пред референдумот за самостојност, „Матица македонска“ стана првата издавачка куќа на самостојна Македонија. Денес зад неа стојат над 3.000 наслови, повеќе од шест милиони примероци, капитални авторски корпуси, десетици илјади читатели и траен влог во македонскиот јазик, книжевност, култура, идентитет и државност
На денешен ден, 24 август, пред точно 35 години е основана „Матица македонска“.Датумот е впишан во едно од најзначајните лета во поновата македонска историја. Само петнаесет дена подоцна, на 8 септември 1991 година, граѓаните на Македонија на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава. Издавачката куќа создадена во предвечерјето на независноста така стана првата издавачка куќа на самостојна Македонија.
Во истото лето започнуваат две истории што три и пол децении ќе се развиваат паралелно – историјата на самостојна Македонија и историјата на „Матица македонска“. Едната е историја на државата. Другата е историја на издавачка куќа што својата работа ја вложува во она што ѝ дава духовна и културна содржина на државноста – јазикот, книгата, книжевноста, науката, историјата и паметењето.
Основачот Раде Силјан во интервју објавено на почетокот на јубилејната година се навраќа на тој почеток со едноставна, но значајна реченица:
„Основањето на ‘Матица македонска’ беше голем предизвик за мене.“ – Раде Силјан
Во приватното издаваштво, Силјан влегува со веќе стекнато големо уредничко и издавачко искуство и со јасен концепт, насочен кон македонските автори, националните теми и културното наследство. Од неколкуте први изданија од областа на македонското културно наследство и етнологијата, „Матица македонска“ израсна во издавачка куќа зад која денес стојат над 3.000 наслови во повеќе од шест милиони примероци.
Но вистинската тежина на тие бројки не е во нивниот обем, туку во она што го содржат. Во продукцијата на „Матица“ се вградени македонската поезија и проза, книжевната критика и есеистика, филологијата и книжевната наука, историјата, етнологијата, фолклористиката, археологијата, историјата на уметноста, публицистиката, детската книжевност и дела од низа други научни, стручни и културни области.
Посебна вредност имаат капиталните изданија посветени на македонското културно наследство, на народните носии и везови, фолклорот и народната митологија, манастирите, резбата, фреските и иконите, како и репрезентативните монографски изданија за Охрид, Скопје, Преспа, Курбиново, Свети Наум, Света Софија, Старата скопска чаршија и други средишта и споменици на македонската историска и културна меморија.
Цели авторски и научни светови сочувани во томови
Еден од најзначајните издавачки подвизи на „Матица македонска“ во овие 35 години е систематското објавување избрани, собрани и повеќетомни дела, често проследени и со критички толкувања. Во рамките на овие капитални проект,и „Матица македонска“ објавуваше томови од творештвото на Марко Цепенков, Кирил Пенушлиски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Божин Павловски, Луан Старова, Ташко Георгиевски, Никола Кљусев, Милан Ѓурчинов, Блаже Ристовски, Радован Павловски, Цветан Грозданов, Георги Старделов, Витомир Митевски, Раде Силјан, Танас Вражиновски, Димитар Ќорнаков, Благоја Иванов, Петар Т. Бошковски, Јован Павловски, Паскал Гилевски, Јован Стрезовски, Иван Чаповски и Блаже Миневски. Тоа е корпус во кој се среќаваат книжевноста, книжевната историја и критика, фолклористиката, историографијата, филозофијата, етнологијата и историјата на уметноста. Цели авторски и научни светови се собрани во томови за да не останат распрснати низ времето и за повторно да им бидат достапни на читателите и на новите генерации истражувачи.
Дом на македонските автори од повеќе генерации
Но, „Матица македонска“ не е само чувар на веќе создадениот канон. Низ годините, таа стана издавачки дом на автори од повеќе генерации. Во нејзината издавачка историја се вградени дела од Блаже Конески, Славко Јаневски, Кирил Пенушлиски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Ташко Георгиевски, Радован Павловски, Петар Т. Бошковски, Миодраг Друговац, Милан Ѓурчинов, Јован Стрезовски, Димитар Ќорнаков, Цветан Грозданов, Танас Вражиновски, Блаже Ристовски, Јован Павловски, Никола Кљусев, Васко Ташковски, Божин Павловски, Паскал Гилевски, Владимир Костов, Блаже Миневски, Иван Чаповски, Ефтим Клетников, Велко Неделковски, Веле Смилевски, Драги Михајловски, Драган Даутовски, Димитар Пандев, Весна Мојсова-Чепишевска, Иван Антоновски, Павле Кузмановски, Стојко Стојков, Витомир Митевски, Стефан Влахов-Мицов, Стојан Тарапуза, Кристина Николовска и многу други македонски писатели, научници, истражувачи и културни дејци. Во таа отвореност кон различни генерации е една од суштинските одлики на „Матица“ – да го чува наследеното и истовремено да учествува во создавањето на она што допрва ќе стане наследство.
Светската книжевност на македонски јазик
Другиот голем столб на издавачката програма е преводната книжевност. Низ три и пол децении, „Матица македонска“ создава широк и вредносно осмислен преводен каталог со дела од различни книжевности, култури, периоди и жанрови – од антиката и светската класика, преку темелните автори на светскиот канон, до висококвалитетни и читателски релевантни остварувања на современата светска книжевност.
Квалитетот на преводната продукција е суштински дел од издавачкиот идентитет на „Матица“. Со внимателен избор на дела, со истакнати преведувачи и со уредничка грижа за македонскиот текст, македонскиот читател го добива светот на сопствениот јазик, а македонскиот јазик одново се потврдува како јазик способен да ги пренесе стилот, мислата, емоцијата и сложеноста на најразлични книжевни традиции.
Афирмацијата на домашната книжевност и отворањето кон светската затоа не се две спротивставени определби. Тие се два дела од истата културна мисија – Македонија да чита свое и Македонија да го чита светот на македонски јазик.
Книгата како културен браник на идентитетот и државноста
Да се биде првата издавачка куќа на самостојна Македонија не е само историски податок. Во изминатите 35 години тоа значеше и постојана културна одговорност.
Самостојна Македонија минуваше низ големи политички и општествени премрежиња, меѓународни спорови, притисоци и оспорувања што задираа и во прашања поврзани со македонскиот јазик, историја, културна посебност и национален идентитет. Во таквите периоди, „Матица македонска“ не одговараше со дневнополитички декларации. Одговараше со она што е најсвојствено за една издавачка куќа – со книги. Со капитални изданија за македонската историја и културно наследство. Со дела за јазикот, книжевноста, фолклорот, етнологијата, археологијата и уметноста. Со томови во кои се сочувани цели авторски и научни опуси. Со монографии што ги документираат македонските духовни и материјални траги. Со нови дела од македонски автори што го продолжуваат живиот тек на македонската книжевност.
Така издавачката продукција на „Матица“, во најтешките периоди стануваше културен браник на македонскиот национален идентитет и државност, не преку пароли, туку преку факти, истражувања, книжевни дела, научни трудови и илјадници страници на македонски јазик. Кога нешто се оспорува, книгата го документира. Кога нешто се заборава, книгата го памети. Кога една генерација заминува, книгата го пренесува нејзиното знаење на следната.
Во таа смисла, каталогот на „Матица македонска“ е и своевидна културна биографија на самостојна Македонија – сведоштво за континуитетот на македонскиот јазик, книжевност, научна мисла, култура и историска меморија.
Токму затоа, особена тежина има оценката што академик Гане Тодоровски ја запиша пред дваесет години.
„Матица македонска“ не е само издавач туку е и симбол на современата македонска држава.“ – академик Гане Тодоровски
Тодоровски ја препозна „Матица“ како дом на македонското слово создаден во мугрите на самостојната македонска држава, како заштита на тоа слово од политичките премрежиња и како мост по кој македонскиот писател стигнува до читателот и до светот. По три и пол децении, таа оценка добива дополнителна смисла. Државноста не е само политички и институционален факт. Таа има своја духовна вертикала, свој јазик, свое паметење, свои книги и свои автори. Во таа вертикала, „Матица македонска“ има свое место.
Од книгата до читателот
Издавачката историја на „Матица“ е и историја на систематско создавање и проширување на читателската публика. „Книга во секој дом“ има традиција подолга од 25 години, а „Клуб Матица“ денес обединува над 55.000 читатели. Зад тие бројки стојат десетици илјади домашни библиотеки во кои македонската книга има свое место.
Особено е впечатлив растот на интересот за домашната продукција. Во 2000 година книгите на македонски јазик учествувале со 7 проценти во вкупната продажба, додека во еден подоцнежен период нивното учество достигнало 83 проценти. Тоа е еден од најконкретните показатели дека издаваштвото не значи само да се објави книга. Значи и да се создава потреба од книгата, да се гради читател и македонската книга да стане природен дел од домот.
Јубилеј што се чествува со книги
Затоа, 35-годишнината не е сведена на протоколарна прослава. „Матица македонска“ ја чествува со она поради што постои – со квалитетна издавачка продукција, со континуирана афирмација на македонските автори и со дарување книги.
Преку иницијативата „Подари книга, подари свет“, книги на македонски јазик годинава стигнаа до македонските иселеници во Измир, до учениците што го изучуваат македонскиот јазик и култура во Хрватска, до македонистичката катедра на Универзитетот во Љубљана и до Македонците во Албанија. Дарувањето на овие места има дополнителна смисла, бидејќи книгата таму не патува само како подарок, туку и како врска со јазикот, културата и Македонија.
Во земјата, преку акцијата „Мисли на македонски, читај домашно“, книги беа подарени и на млади читатели. Летово, пак, преку програмата „Зад датумот: Овој Илинден, Македонија се чита“, беше отворен јавниот повик „Каде недостигаат книги за Македонија?“. На повикот пристигнаа близу 90 пријави од библиотеки. По повод двојниот јубилеј, фонд од 35 книги е наменет за училишната библиотека при СОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Неготино, каде што ќе им биде достапен на околу 500 средношколци и нивните наставници. Големиот одѕив е и потврда дека книгата и натаму е потребна и дека библиотечните фондови мора постојано да се обновуваат.
Токму затоа, најсоодветниот начин една издавачка куќа да го чествува својот јубилеј е книгата да продолжи да патува.
Следните 35 години
На 24 август 1991 година започна со работа „Матица македонска“. На 8 септември 1991 година Македонија се изјасни за самостојност. Денес, три и пол децении подоцна, близината на тие датуми потсетува дека државата и културата не живеат одделно. Државноста се гради и преку зборот што го памети минатото, го толкува сегашното и има храброст да му се обрати на идното време.
Затоа, предизвикот за „Матица македонска“не завршува со зачувувањето на веќе создаденото. Тој продолжува со нови книги што ќе останат, со капитални изданија што ќе ги заокружуваат авторските и научните опуси, со квалитетни преводи, со нови македонски авторски гласови, со поддршка на македонистиката дома и во светот и со создавање нови генерации читатели.
Културната меморија не се наследува еднаш засекогаш. Таа мора постојано да се создава, да се обновува и да се предава понатаму. Пред 35 години, „Матица македонска“ започна во мугрите на самостојна Македонија. Денес, по над 3.000 наслови и повеќе од шест милиони примероци, нејзината приказна продолжува со истата суштинска определба – македонската книга да има свој дом, да стигнува до читателот, да го чува паметењето и да останува како трага за генерациите што доаѓаат. Со македонската книга. Со македонскиот јазик. Со Македонија.

Македонски


