Skip to main content

Протест во Лагадин: Објектот што се гради претставува директно кршење на правилата за заштита на езерото, велат жители

Во охридската населба Лагадин се одржа протест на кој локалните жители, еколошки активисти и љубители на Охридското Езеро уште еднаш го кренаа својот глас против урбанистичкото самоволие и непочитувањето на законите. Нивниот револт овој пат беше насочен кон две прашања кои го уништуваат крајбрежјето: изградбата на спорниот хотел на самиот брег и сè позачестената појава на глисери и други пловни објекти кои опасно се доближуваат до плажите.

Со транспаренти на кои на англиски јазик беше испишано „УНЕСКО, имаме проблем“ (UNESCO, we have a problem), како и „Бетонот – смрт за туризмот“ и „Урбанизација без канализација“, демонстрантите предупредија на еколошката катастрофа што се случува пред очите на јавноста.

Граѓаните се децидни дека објектот што се гради претставува директно кршење на правилата за заштита на езерото. Преку пораките „Бараме антикорупциска истрага за хотелот во Лагадин!“ и „Хотелот во Лагадин – урбанистички злочин“, тие експлицитно побараа од Државната комисија за спречување на корупцијата и од Обвинителството да го истражат целиот процес околу издавањето на дозволите за градба на овој објект кој веќе со години е предмет на жестоки дебати и протести.

Покрај бетонизацијата на крајбрежјето, на собирот посебен акцент беше ставен и на безбедноста на капачите. Присутните остро реагираа на секојдневното непочитување на правилата за пловидба од страна на сопствениците на глисери и моторни чамци.

Носејќи транспарент со натпис „Закон за внатрешна пловидба, член 13“, граѓаните потсетија дека пловните објекти имаат строга законска обврска да одржуваат соодветно растојание од обележаните капалишта и плажи (најчесто минимум 50 до 300 метри во зависност од типот на пловилото). Наместо тоа, сведоци сме на секојдневно приближување на глисерите во плитакот, што претставува директна закана по животот на капачите и го загадува езерото

Поврзани вести