
Панел-дискусија со важна тема „Каде исчезнаа кината?“ ќе се одржи денес во 13 часот во Културниот центар „Лабораториум“ во Скопје, во рамките на фестивалот „МакеДокс“. Идејата е да се понудат идеи, искуства и конкретни насоки за тоа како Скопје може да создаде подобри услови за прикажување филмови, развој на публика и долгорочен развој на кинокултурата. Непосреден повод за дискусијата е „Европската престолнина на културата 2028 Скопје“, која денес се соочува со сериозен недостаток на активни киносали и простори во кои филмот континуирано се прикажува и живее како културно искуство. Иако градот има активни фестивали, филмски автори и заинтересирана публика, можностите за редовно гледање квалитетна домашна, европска и независна кинематографија се ограничени.
Учесници на дискусијата ќе бидат: Звонко Наумовски — Шеф на операции, Фондација „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“, Билјана Лунга Филиповска — советник за меѓународна соработка, евиденција и стратешко планирање, Агенција за филм, Маргарита Арсова, уредничка на филмската програма, Младински културен центар, Дарко Набаков, извршен директор на „МакеДокс“. Модераторка ќе биде Марина Костова, филмска критичарка и потпретседателка на ФИПРЕСЦИ.

Оваа дискусија отвора разговор за актуелната состојба на киноприкажувачката инфраструктура во Скопје и за чекорите што треба да се преземат за таа да стане посилна, подостапна и поодржлива. Што недостасува – киносали, јасна културна политика, инвестиции или подобра соработка меѓу институциите, независниот сектор и приватните иницијативи? Како да се создадат услови киното повторно да стане редовен дел од културниот живот на градот, а не исклучиво фестивалско искуство?
Во пресрет на 2028 година, ова е вистинскиот момент да се размислува за долгорочни решенија, а не само за привремени активности. Каква киномрежа му е потребна на Скопје? Дали постојните простори можат да се обноват и активираат? На кој начин европските модели можат да послужат како инспирација за развој на современа и достапна филмска инфраструктура?
Од 11 часот во „Лабораториум“ ќе претходи мастерклас со Мигел Еек и Ксавиер Марадес. Тие ќе се осврнат многуте видливи и невидливи сили што го обликуваат еден документарен филм уште долго време пред да стаса до публиката. Преку одбрани извадоци од своите филмови, тие ќе истражуваат како личните емоции, односот со протагонистите, етичката одговорност, општествената и политичката клима, продукциските околности, па дури и автоцензурата влијаат врз креативниот процес.
Наместо да понудат конечни одговори, оваа сесија ги повикува двајцата автори меѓусебно да си ги преиспитаат изборите, дилемите и искуствата. Преку отворен дијалог, поткрепен со сцени од нивните филмови, публиката ќе добие увид во одлуките што на крајот го дефинираат документарниот филм, и тоа не само во собата за монтирање, туку низ целиот процес на создавање.
Разговорот ќе започне без модератор и без прашања од публиката, со цел да се овозможи автентична размена меѓу двајцата автори. Во вториот дел од сесијата, публиката ќе има можност активно да се вклучи во дискусијата.
Мигел Еек е филмски автор роден во Мадрид во 1982 година. Растел помеѓу Мајорка, Стокхолм и Барселона, каде што дипломирал документарна режија на Филмската и аудиовизуелна школа на Каталонија (ESCAC).
Во 2008 година ја основал продукциската куќа Mosaic, специјализирана за документарен филм, преку која ги продуцира своите филмови, како и делата на други автори. Неговите филмови се прикажани на престижни меѓународни фестивали како IDFA, CPH:DOX, Thessaloniki IFF, FicGuadalajara, МакеДокс и MoMA Fortnight, каде што освоиле повеќе награди. Од 2019 година е уметнички директор на фестивалот MajorDocs.
Ксавиер Марадес е документарен филмски автор од Каталонија. Авторскиот пристап во создавањето филмови му е личен и непосреден, заснован на долгорочни односи со луѓето и местата што ги снима. Неговите филмови ги истражуваат темите на сеќавањето, припадноста и пресекот меѓу личното искуство и колективната историја. Живее и работи во рурална Каталонија, а неговото творештво е обликувано и од годините поминати во Њујорк, како и од подолгите престои во Баија (Бразил). Неговите филмови се прикажувани на меѓународни фестивали, меѓу кои IDFA, New Directors/New Films, Sheffield DocFest и Krakow FF. Иако досега претежно работел на краткометражни документарни филмови, во моментов развива долгометражен документарец во Баија, Бразил.

Македонски


