
На филозофката, авторка и професорка Леа Ипи, која живее и работи во Велика Британија, веќерва, во 19 часот, ќе и биде врачена наградата „BookStar“ за 2026 година, за најактуелна книга во контекст на годинашното издание на овој меѓународен книжевен фестивал.
Нејзиното гостување ќе го означи првиот официјален преднастан на годинашното издание на „BookStar“, посветен на темата „FREE AT LeAST?“ или „Чуму слобода?“.
Ипи доаѓа во Скопје како авторка на книгата „Слобода“ (Free), дело во кое преку личната и колективната историја го отвора едно од најважните и најсложените прашања на современото општество: што навистина значи да се биде слободен?
Како што наведуваат од „BookStar“, книгата е истовремено филозофско истражување и лично сведоштво, во кое поимот слобода се разгледува низ различни историски, политички и општествени контексти. Преку искуствата од детството во Албанија во времето на комунизмот, транзицијата и подоцнежниот живот во Западна Европа, Ипи поставува прашања за границите меѓу личната и политичката слобода, за начинот на кој општествата го разбираат слободниот избор и за тоа колку нашата претстава за слободата зависи од времето и местото во кое живееме. Слободата може да биде лично искуство, но и политичко прашање, а подеднакво и творечки предизвик. Токму затоа за книгата „Слобода“ е добитничка на наградата „BookStar“ за 2026 година.
Со доделувањето на наградата на Ипи, „BookStar“ го почнува своето фестивалско патување кон главната програма во септември годинава.
За книгата и за одлуката таа да биде прогласена за добитник на наградата „BookStar“ ќе зборува писателката и универзитетска професорка Ивана Трајаноска. По доделувањето ќе следува разговор со Ипи, кој ќе го модерира писателката и професорка Калина Малеска, која воедно е и преведувачка на книгата на македонски јазик. Разговорот ќе се фокусира на нејзиното книжевно и филозофско разбирање на слободата, на односот меѓу личното сеќавање и големите историски настани, како и на прашањето што останува од идејата за слободата кога таа ќе се соочи со реалноста.
Разговорот ќе се одвива на англиски јазик.
Попладне, во 18 часот, во „Лабораториум“, пред официјалното доделување на наградата, Ипи ќе гостува и во книжевниот поткаст на „Антолог“, кој веќе години наназад го води книжевниот критичар Душко Крстевски. Во разговорот, во нешто понеформален формат, ќе има можност да се слушне и една поинаква страна од авторката – не само професорката по политичка теорија и филозофија, туку и читателката, писателката и соговорничката која своите лични искуства ги претвора во прашања со универзално значење.
Двете средби со Леа Ипи – поткастот „Гол ручек“ и свеченото доделување на наградата „BookStar“ – се прв дел од Фестивалот на европска литература BookStar 2026, чија главна фестивалска програма ќе се одржи од 28 до 30 септември во Скопје. Со темата „FREE AT LeAST!“, BookStar ја поставува слободата како отворено прашање: дали таа е право, привилегија или одговорност? Колку сме навистина слободни во светот на алгоритмите, вештачката интелигенција и постојаната дигитална изложеност? И може ли книжевноста (сè уште) да биде простор за слободно мислење, преиспитување и отпор? Гостувањето на Леа Ипи и книгата „Слобода“ се природен и силен вовед во овие прашања, велат од „BookStar“.
Леа Ипи e родена 1979 година во Драч, Албанија Taa e универзитетски професор, предава политичка теорија на Лондонската школа за економија (London School of Economics). Студирала филозофија и литература на римскиот универзитет „Сапиенца“, а докторирала на Европскиот универзитетски институт (EUI) во Фиренца. Полето на нејзиниот научен интерес ја опфаќа нормативната политичка теорија, политичката мисла на Просветителството (Кант), се занимава со марксизам, критичка теорија, национализам, интелектуална историја на Балканот (особено на Албанија). Објавила бројни трудови во областа на политичката теорија. Неодамна британскиот часопис „Проспект“ ја вброи меѓу десетте најзначајни светски мислители.
Претходни добитници на наградата BookStar се: Блаже Миневски (Македонија), Јон Калман Стефансон (Исланд), Наџат ел Хачми (Шпанија), Светлана Алексиевич (Белорусија), Миодраг Мајиќ (Србија), Николо Аманити (Италија), Евгениј Водолазкин (Русија), Славенка Дракулиќ (Хрватска), Јуси Адлер-Олсен (Данска) и Есмахан Ајкол (Турција/Германија).
Фестивалот „BookStar“ 2026 се одржува под слоганот „FREE AT LeAST“ и е поддржан од Министерството за култура и туризам, Комерцијална банка, Амбасадaтa на Кралството Холандија и издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања се реализирани и со поддршка на Амбасадaтa на Кралството Шпанија, Традуки, Холандскиот фонд за литература, како и на Европската Унија. Дизајнот на плакатот е дело на Бранко Прља.

Македонски


