Skip to main content
MP0bax1ksdA

Нервоза во Тирана

Креирано со помош на AI

Не знам за вас, ама мене ми е многу забавно да ја следам нервозата на Еди Рама. Балканскиот фланер 13 години владее со државата и притоа сериозно се заигра со сили кои се далеку над неговото ниво и нивото на Албанија. Тој силно профитираше од авантурите со светските водачи, на кои им ветуваше и им испорача мигрантски кампови, разни зделки, центри за обоени револуции низ регионот, па дури и бази за обука на герилци за нападот врз Иран. Но, деновиве, како што огромната кула од карти која ја изгради Рама почна да се урива, тој нервозно почнува да се заканува, обвинува дека разни агентури работат против него, да провоцира и бара кавга, вклучително и со нас.

Неспорно е дека Албанија и Албанците, уште пред Рама, играат огромна улога во плановите на западните сили на Балканот, и дека притоа се развија дури непристојно блиски врски меѓу албанските и западните водачи. Деновиве е популарно да се каже дека било многу вулгарно тоа што Рама се пазари со Трамповци и им го продава единствениот поголем албански остров за елитно летувалиште/воена база. Но луѓе, тоа е ништо во споредба со идолопоклонството кое го гледавме од Албанците кон Клинтони, Тониблеровци (име на десетици деца во Албанија и Косово), па и кон Бушовци. Неспорно е на која страна од политичката поделба во САД се наоѓаат Албанците – тие се цврсто исповрзани со демократите и безбедносните структури на демократите, а кога на власт е републиканец, се обидуваат да купат време и се нудат да бидат корисни. Токму тоа и се случува деновиве со Еди Рама – најверниот војник на империјата на Сорос реши за секој случај да се покрие и да направи пазар и со Трамп. Покрај планот за продажба на островот Сазан и други одбрани места на албанското крајбрежје, јавна тајна е дека Рама почнал да ангажира консултанти блиски до Трамп, како што претходно со години ангажира лево ориентирани консултанти од САД и Европа. Со тоа, Рама продолжува една долга албанска традиција – секогаш да се со посилниот. Да се гордеат со „илирските императори на Рим“ и „албанската династија во Египет“, да бидат со Турците кога Турците се силни (и притоа да ја сменат верата), да бидат поголеми комунисти од Советите, потоа преку ноќ да станат поголеми западњаци од Американците и да креваат статуи на американските претседатели, да имаат најголемо пер-капита учество во ИСИС кога оваа организација мобилизираше меѓу балканските муслимани, а сега, по децении како верни сојузници на Клинтон и Сорос да пробаат да фатат приклучок кај Трамп.

Но, неговата идеолошка опција не простува неверство, па така Еди се соочи со моментална реакција. Државата навикната да организира и финансира обоени револуции кај соседите (во Албанија сега е главното регионално седиште на фондацијата на Сорос како и други помали слични фондации како таа на Тони Блер), одеднаш самата се соочи со своите тактики. Млади активистки и активисти, со очигледно осмислени пароли и плакати, со подготвени графички решенија, со силна поддршка од западните „прогресивни“ медиуми, тргнаа да го рушат Еди, кој, за да се одбрани, направи божем случајно да го сликаат на ручек со Алекс Сорос. Да покаже дека се уште е дел од истото јато, дека само му се прави другар на Трамп (како Руте – шефот на Шекеринска) и дека не мора да го рушат.

Но, изгледа дека караванот веќе тргна. Потезите на Рама делуваат очајнички и несмасно – го викна Канје да одржи концерт во Тирана (?), ги обвинува демонстрантите дека се ирански, грчки, па сега и македонски агенти, прави несмасни монтажи со вештачка интелигенција дека „фламинго“ протестите против него се платени од странски служби и слично. Ова воопшто не е оној Еди на кого сме навикнати – омилен кај странците и сметан за фраер кај домашните. Додуше, да сме реални, неговите финти од секогаш беа безвезни – пуштањето желки да му шетаат низ канцеларијата, патиките, коленичењето пред странските лидери.. тоа се сметаше за кул, урбано и прогресивно затоа што Еди ја имаше поддршката на огромната мрежа леви медиуми кои кажуваа дека тоа е кул, урбано и прогресивно – а тие медиуми на негова жал сега имаат налог секојдневно да интервјуираат активисти кои протестираат против Еди.

Ние добро си знаеме дека Еди е типичен балкански лидер, со плантажите со марихуана, со врските со ДУИ и со националистичките агенди кои ги промовираше по Шарената Револуција. Рама ја креираше Тиранската Платформа со собир на лидерите на албанските партии од Македонија во неговиот кабинет – украсен со огромен мозаик направен да алудира на Голема Албанија – каде договори дека идната Влада во Македонија ќе ја прави Зоран Заев. Самото тоа требаше да им биде доволно на сите чесни сдсмовци веднаш да се повлечат од проектот, но изгледа дека таквите се загрозена врста. Тирана и албанскиот фактор во Македонија си добија слабо и послушно премиерче, со кого нашиот Еди можеше да се мајтапи пред странските лидери. Омилена фора му беше да го пецка Заев дека Македонија ќе стане Западна Бугарија – што го повтори и пред Олаф Шолц и Мицотакис, кога им го претставуваше оклештениот Ковачевски – во кого албанскиот фактор успеа да најде уште поизгубен премиер од Заев – човек кој не ни помислуваше дека може да оди на избори без коалиција со ДУИ.

Во време на другарувањето на Рама со Заев, судството на режимот на ДУИ и СДСМ го гонеше единствениот етнички Македонец – градоначалник во соседна држава, Едмонд Темелко. Грција неодамна и стави вето на Албанија затоа што го гонеше грчкиот градоначалник на Химара, а Заев сам потрча да го апси македонскиот градоначалник во Пустец. Јас навистина не знам, да бевме окупирани од душмани, дали ќе одеа до границите до кои одеа „Македонците“ од СДСМ. И нормално, Македонците во Пустец видоа дека се напуштени од тоа што требаше да им биде матична држава, од која дотогаш добиваа пасоши, стипендии и друга поткрепа, и дел од нив си побараа чаре на друго место.
Ова е една од неброените работи кои новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ почна да ги враќа на свое место, откако наследи не хаос или неспособност туку свесно разградување на македонските национални интереси на секој план. Владата почна да ги обновува врските со Македонците во Албанија, а премиерот Мицкоски често и лично ги посетува. Македонија веќе не е чергиче за бришење на патиките на Еди Рама, туку напротив, деновиве Рама обвинува дека Македонија била еден од центрите од кој се поддржувале протестите против него (која слатка иронија).

Македонија не се меша во политичките процеси во Албанија, како што Рама се мешаше во македонските процеси, но ние поминуваме низ процес на дедуизација – кој пред се го водат албанските граѓани на Македонија, на кои очигледно им е доста од таа партија. Рама смета дека Албанците во Македонија мора да бидат управувани од неговите миленичиња ДУИ, поради што отворено ги поддржува (дури и преку својот амбасадор во Скопје) нивните протести на изнасилени теми како што јазикот на кој ќе се полага правосудниот испит. Рама смета дека Македонците треба да бидат управувани од чергиче-политичари како Заев и Ковачевски. Затоа, тој сега се обидува да креира скандал и околу посетата на Пустец (на која било истакнато албанското знаме, но не била интонирана албанската химна) и мисли дека ДУИ ќе успее да поентира од тоа. Уплашен од растот на Курти и ВЛЕН во Косово и Македонија, и на опозицијата внатре во Албанија, Рама целосно го промашува моментот, мислејќи дека ова е 2017та година и дека повторно може со помош на меѓународниот фактор да бира премиери и коалиции во Македонија.

Во својот твит, Рама се потсмева на Македонците во Пустец, нарекувајќи не „северномакедонска заедница“, циркузанти, балкански фолклористи и „пародија во Пустец“, за разлика од божем европската и напредна, дигитална Албанија. Ова е истиот Еди Рама кој уста нема отворено за десетиците провокативни собири на Албанците во Македонија, каде вест е ако се појави едно македонско знаме, а обично има бројни знамиња со мапата на Голема Албанија која се популаризираше при инцидентот со дронот во Белград, а потоа од страна на Дуа Липа. Истиот Рама кој пред две години организираше огромен предизборен собир на Албанците во Божиќниот Театар во Атина кој беше преплавен со албански знамиња, беа интонирани албанската и европската химна, но не и грчката химна, по што организаторите се ваделе дека се работело за „приватна посета“.

Рама дури се посмева со македонското знаме, кое слободно се вее во Пустец иако е забранувано во Македонија благодарение на предавството во Преспа. Со тоа овој божем урбан и европски политичар не успева да издржи а да не игра на картата на балканскиот национализам, согласно албанските теории за нивното најдревно потекло на Балканот, од Илирите, Пелазгите, Дарданците и вонземјаните.

Причината за ваквата реакција на Рама е едноставна. Еди се обидуваше да се наметне како лидер на сите Албанци на Балканите, без притоа да ги инкорпорира во својата идеологија и политика Албанците од Косово, од северот на Албанија и голем дел од Албанците од Македонија – кои се претежно Геги и муслимани. Еди доаѓа од секуларните, пост-христијанските кругови и пред се гласовите ги добива на југот на Албанија каде што живеат Тоските. Во коментарите на неговата објава за посетата на премиерот Мицкоски на Пустец, како и во ставовите на коментатори блиски до Рама во врска со „фламинго“ протестите може да се прочитаат обвинувања не само против Иран и Грција, туку и против „исламо-Косоварите“. Рама почна да забранува влез во Албанија на активисти на ВЛЕН од Македонија и на движењето на Албин Курти од Косово. Стравот на Рама од губењето на положбата на главен политички водач на Албанците во регионот, во полза на политичари од муслиманскиот гегски север, доведе дотаму што Рама почна да им замерува на Албанците од Косово и Македонија кои доаѓаат во Тирана на протести како воопшто не биле членови на албанската дијаспора. Според Рама, бидејќи тие Албанци си имаат свои држави – Косово и Македонија – нема што да бараат во Албанија. Замислете албански политичар да каже такво нешто пред две, пет или десет години, кога доминантна теза на Албанците е дека, и покрај нивните верски и клановски разлики, тие се припадници на еден ист народ. Оваа изјава на Рама, повлекувањето на линии на демаркација меѓу разните групи Албанци, е драматичен пресврт во албанската политика.

Накусо, Рама успеа да се замери со своите идеолошки заштитници на Запад, дури и со побратимот Алекс Сорос, тешко дека за возврат ќе добие некаква поддршка од Трамп, успеа да направи поделба во албанскиот етникум во регионот (и тоа делумно на верска линија) и доживеа обоените активистички мрежи кои толку долго ги финансираше и градеше да се свртат против него. И затоа, овој балкански циркузант деновиве е прилично нервозен. И има причина да биде.

Поврзани вести