
Културно-едукативниот центар „Лабораториум“ во петок на 21 август, со почеток во 20 часот, ќе го одржи летното издание на „Игранка“ – меѓугенерациска музичка вечер посветена на танцот, дружењето и музиката од различни периоди. Со ова издание се одбележуваат две години од започнувањето на концептот.
„Игранка“ за првпат се одржа во август 2024 година, а оттогаш се реализира сезонски, четири пати годишно. Концептот е замислен како редовна градска средба со музика и танц, без жанровски и генерациски ограничувања. Во фокусот е создавање на простор во кој различни генерации можат заедно да поминат вечер во дружење и танцување.
Во контекст на скопскиот ноќен живот, кој најчесто е организиран околу жанровски определени музички програми, „Игранка“ има формат во кој музичкиот избор се движи низ различни периоди и стилови, а танцот станува заеднички јазик меѓу публиката. Идејата е едноставна: да се создаде отворен простор за средба и дружење на луѓе од различни генерации.
Летното, воедно и јубилејно издание ќе го одбележи двегодишното постоење на „Игранка“, а музички ќе биде предводено од DB Classix, диџеј дуото составено од Дарко Марковски и Борис Пауновски, искусни диџеи и радио водители. Нивната селекција на винили ќе се движи низ старите евергрини и безвременските хитови кои го сочинуваат препознатливиот звук на старите скопски игранки.
Настанот се потпира на идејата дека музиката и танцот можат да бидат простор за поврзување на повеќе генерации и дел од културата и историјата на градот. Во изминатите две години, настаните во Лабораториум беа посветени на различни поводи и музички селекции, ретро вечери со македонски и светски евергрини, музика од 50-тите, 60-тите, 70-тите и 80-тите, како и танци како твист, чарлстон и валц.
Летното издание на „Игранка“ ќе се одржи на 21 август, со почеток во 20:00 часот, во Културно-едукативниот центар „Лабораториум“. Влезот е слободен, а настанот е отворен за сите генерации.

Македонски


