
Државниот завод за ревизија утврди сериозни неправилности во работењето на Државниот студентски дом „Пелагонија“ за 2024 година.
Ревизорите констатирале слаби внатрешни контроли, набавки по цени повисоки од пазарните и исплати без соодветна документација.
Особено е издвоена набавката на леб, каде што во 2025 година цената достигнала 126 денари за килограм. Утврдено е и дека биле набавени 250 душеци за 1,17 милиони денари, кои не одговарале на спецификациите и не биле ставени во употреба.
Ревизорите посочуваат и дека за одржување и сервисирање на опремата биле потрошени 1,2 милиони денари, без целосни докази дека дел од услугите биле извршени.
Во домот не биле евидентирани постојани средства и опрема во вредност од 21,5 милиони денари, а не било евидентирано ниту побарување од 1,1 милион денари по правосилна судска пресуда.
Државниот завод за ревизија даде препораки за подобрување на контролите, јавните набавки и финансиското управување со цел да се спречи ненаменско и неекономично користење на јавните средства.

Македонски


